Компанијата за енергетска транзиција во Велика Британија, Storegga Geotechnologies, и канадската компанија Carbon Engineering која има повеќе проекти за отстранување на јаглеродот од воздухот, се здружија за изградба на објект за директно “заробување” на воздухот (Direct Air Capture – DAC) во Шкотска. Тековните планови предвидуваат изградба на објект што ќе може да извлече околу 1 милион тони јаглерод од воздухот секоја година (еквивалентно на “работата” на 40 милиони дрвја) и да го складира под морето. Двете компании ги претставија своите планови на нивните веб-страници.
Голем број научници веќе укажаа на тоа дека, доколку сакаме да го забавиме глобалното затоплување, мора нешто да се стори со стакленичките гасови веќе присутни во атмосферата, дури и ако напорите за намалување на емисиите на јаглерод се успешни во текот на следните неколку години. Имајќи го ова на ум, повеќе институции и компании активно ја разгледуваа можноста за изградба на објекти коишто ќе го извлекуваат јаглеродот од воздухот и безбедно ќе го складираат. Двете претходно споменати компании се во почетната фаза на градење на најголемиот ваков објект во светот.
Во моментов проектот само што ја помина проценката за изводливост, во следната фаза од ќе се прави избор на локација каде објектот ќе биде сместен. Шкотска беше избрана заради големиот обем лесно достапна работна сила којашто веќе располага со голем дел од вештините потребни за изведба на ваков проект. Избраната локација ќе биде близу до нафтоводот што некогаш се користел за довод на нафта од Северното Море, а којшто сега ќе се користи за пренос на зафатениот и третиран јаглерод до сувите подземни бунари.
Плановите за изградба на објектот вклучуваат и инсталација на вентилатор за вшмукување на воздухот кој потоа ќе биде пренесен во сад исполнет со течност којашто ќе го врзува и “зароби” јаглеродниот диоксид. По филтрирањето, врзаниот јаглерод дополнително се рафинира при што се добиваат пелети од калциум карбонат. Потоа пелетите се загреваат, при што се распаѓаат во проток на СО2 и калциум оксид. Протокот од СО2 понатаму се прочистува за да се отстранат нечистотиите, по што ќе биде подготвен да се испумпа до неговото место за складирање под морето.
Двете компании истакнуваат дека во планираат продажба на складираниот СО2, но во моментов нема детали за тоа кога, како и на кого.