Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 19/20.6.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 20.06.2021 - 16:30

Во следните редови ги славиме родендените на пионерот во областа на фармакологијата Фридрих Сертирнер, и на англискиот биохемичар Сер Фредерик Г. Хопкинс, кој ги откри значењето на витамините за растот. Освен тоа го чествуваме Џек Килби, таткото на првото интегрирано коло, ја одбележуваме размената на првите трансатлантски телеграми, основањето на Федералната комисија за комуникации на САД и го одбележуваме поставувањето на првиот комерцијален телефонски сервис во Северна Америка.

19.6.1783 – Роден е Фридрих Сертирнер

Фридрих Сертирнер (Friedrich Wilhelm Adam Sertürner) бил германски фармацевт којшто имал голем удел во подемот на фармакологијата и нејзино подигање од ниво на алхемија до хемија.

Во 1804 година, Сертирнер бил чирак кај фармацевт којшто работел со опиум. Опиумот е наркотик што се добива со преработка на катранот којшто се собира од афионовите чушки. До 19 век опиумот се користел масовно како средство за ублажување на болката. Во алкохолен раствор познат како лауданум, се користел за да поттикнување на сонот. Сертирнер си поставил задача да ја најде активната состојка во опиумот којашто ги предизвикува овие ефекти.

Сертинер врши демонстрација на дејството на морфиумот

 

По повеќе истражување на крајот успеал да ја издвои супстанцијата што одговара на описот. Оваа нова супстанција тој ја нарекол морфиум, според грчкиот бог на сонот, Морфеј. Кога го објавил своето откритие, во голема мерка бил игнориран. Затоа се решил да го прикаже откритието со јавни демонстрации на морфиумот, применувајќи го врз себе и врз тројца негови пријатели. Денес, Сертирнер е признат како првиот којшто успеал да екстрахира алкалоид од едно растение.

Морфиумот брзо ќе го замени опиумот и лауданумот во медицинските практики ширум светот. Тој бил широко користен за лекување на сите што страдаат од акутни или хронични болки. Во многу случаи, бил нуден како замена за луѓето кои страдаат од зависност од алкохол и од опиум. Оваа практика траеле сè дури лекарите не откриле дека морфиумот создавал многу поголема зависност од алкохолот или од опиумот. Денес морфиумот е контролирана супстанција и е не достапна за општа употреба.

Сертирнер ќе започне дистрибуција на морфиум од неговата мала апотека во 1817 година. Во 1827 година, една друга мала апотека во Дармштат, Германија, наречена Мерк, ќе започне со комерцијална продажба на морфиумот. Денес, Мерк е една од најголемите фармацевтски компании во светот. Успехот на Сертирнер го поттикнал откритието на други медицински важни алкалоиди, како што се кининот, кофеинот и стрихнинот. (Н. С.)

 

19.6.1914 – Церемонијално се разменети првите трансатлантски телеграми

На 19 јуни 1914 година е воспоставена радиотелеграфска врска меѓу Германија и САД. За да го одбележат настанот телеграмите ги разменија американскиот претседател Вудроу Вилсон (Тукертон, САД) и германскиот канцелар Вилхелм II (Нојштад на Рубенберге, во близина на Хановер). Преносот на телеграмите е направен со рефлекторни (Голдшмит) алтернатори, кои генерираат радиофреквенција со наизменична струја. (А. К. / Д. М.)

 

19.6.1934 – Основана е Федералната Комисија за Комуникации на САД

Со Комуникацискиот Акт од 19 јуни 1934 година основана е Федералната Комисија за Комуникации(Federal Communications Commission – FCC ) на САД. Нејзината мисија е дополнета со Актот за телекомуникации од 1996 година. Toa e независна агенција на Владата на САД која ги регулира комуникациите преку радио, телевизија, жица, сателит и кабел низ САД. Ја има надлежноста на широкопојасен пристап, фер конкуренција, употреба на радиофреквенциите, медиумската одговорност, јавната безбедност и безбедност на татковината. При формирањето во 1934 година, Комисијата ја превзела регулаторната регулатива за комуникации од Меѓудржавната комисија за трговија и ја заменила постоечката Федерална комисија за радио. Исто така таа обезбедува разновиден степен на соработка со слични комуникациски тела од други земји. Целосно е финансирана од регулаторните такси. Има проценет буџет за фискалната 2016 година од 388 милиони американски долари и 1454 вработени заклучно со јули 2019 година. (Д. М.)

 

20.6. 2005 – Почина Џек Килби

Килби (Jack S. Kilby) е американски електроинженер и добитник на Нобеловата награда по физика во 2000 година. Тој се смета за таткото на интегрираното коло. До идејата за ова откритие дошол уште во 1958 година, кога работејќи на минијатуризација на електрични кола предлага составните компоненти на електриното коло да бидат изработени монолитно, односно од еден блок полуспроводничики материјал. До денеска, дизајнирани се голем број интергрирани кола, за кои интересен водич е достапен во претходните изданија на Емитер. Килби, покрај интегрираното коло, е иноватор на рачниот калкулатор и на термичниот печатач. (А. К.)

 

20.6.1861 – Роден е англискиот биохемичар Сер Фредерик Г. Хопкинс

Сер Фредерик Г. Хопкинс (Frederick G. Hopkins) ја добива Нобеловата награда во 1929 година за откривањето на значењето на витамините за растот. Неговите истражувања објавени во 1912 година покажуваат дека ниту една од дотогаш познатите состојки во храната (протеини, масти, јаглехидрати, минерали и вода), сама по себе не влијае врз растот на неговите експериментални глувци. Хопкинс се сомневал дека некои соедненија, присутни во мали количини, се најзаслужни за оваа физиолошка појава. Ова хипотеза, понатаму, помага за идентификување на витамините. Откритието на Хопкинс брзо ќе добие примена во прехранбената индустрија, каде што зачинувањето со витамини ќе стане практика за одредени видови храна кои се сиромашни со овие соединенија (на пример маргаринот). (А. К.)

 

20.6.1877 – Бел го инсталирал првиот комерцијален телефонски сервис во Канада

На овој ден Александер Грахам Бел (Alexander Graham Bell) го инсталирал првиот комерцијален телефонски сервис во Хамилтон, Онтарио, Канада. Телефонот се засовал врз патентот на Бел добиен во 1876 година.

Хју Косарт Бејкер помладиот (Hugh Cossart Baker Jr.) дознал за изумот на Бел во 1876 година на Меѓународната изложба во Филаделфија и таму решил да ја тестира алатката за комуникација во Хамилтон. Изнајмил четири телефони за себе и за своите шаховски партнери и го заменил телеграфот со телефонот како средство за дискутирање на нивните шаховски потези. Потоа, во 1878 година, ја направил првата телефонска размена во Британската Империја. Ова била и втора телефонска размена во цела Северна Америка.

Александер Грахам Бел (лево) и Хју Косарт Бејкер помладиот (десно)

 

Во 1880 година, (на 29 април) Бејкер помладиот добил повелба за изградба на национална телефонска компанија во Хамилтон, Онтарио. Ја нарекол Телефонска Компанија Хамилтон (Hamilton Telephone Company) и ова овозможило создавање на телефонската компанија “Бел” (Bell Telephone Company) во Канада. Бејкер помладиот станал менаџер на одделот во Онтарио сè до неговото пензионирање во 1909 година. Првиот телефон му бил изнајмен на тогашниот премиер Александар Мекензи (Alexander Mackenzie ) во септември 1877 година. (Д. М.)

Клучни зборови:
Сертинер врши демонстрација на дејството на морфиумот

Сертинер врши демонстрација на дејството на морфиумот

Фридрих Сертирнер

Фридрих Сертирнер

Џек Килби – таткото на интегрираното коло

Џек Килби – таткото на интегрираното коло

Сер Фредерик Г. Хопкинс

Сер Фредерик Г. Хопкинс

Сер Фредерик Г. Хопкинс

Сер Фредерик Г. Хопкинс

Александер Грахам Бел

Александер Грахам Бел

Хју Косарт Бејкер помладиот

Хју Косарт Бејкер помладиот