Минатата недела тројца кинески астронаути успешно беа лансирани во земјината орбита и допатуваа до кинеската вселенеска станица Тјангонг. По успешното спојување тие станаа првите привремени жители на оваа вселенска станица.
Планирано е астронаутите Ње Хајшенг, Лиу Бомин и Танг Хонгбо да поминат вкупно 3 месеци во вселената технички оптимизирајќи ја внатрешноста на основниот модул Тјанхе за подолготрајни вселенски мисии, а покрај тоа ќе спроведат низа научни експерименти, ќе работат на лабораториската роботска рака и ќе изведат две вселенски прошетки.
Лансирањето на екипажот со ракетата Долг Марш 2Ф
Двајца од тројцата астронаути веќе имаат искуство со престој во вселената. 56-годишниот ветеран и командант на мисијата Ње учествуваше во две претходни Шенжу мисии во 2005 и 2013 година, при што помина вкупно 19 дена во орбитата на Земјата, додека Лиу (54 години) учествуваше во мисијата Шенжу 7 во 2008 година. За 45-годишниот Танг оваа мисија, Шенжу 12 ќе биде неговиот прв престој во орбитата.
Лансирањето на ракетата Долг Марш 2Ф што го понесе вселенското летало со астронаутите до орбита, се одвиваше од пустината Гоби, а беше пренесувано, но со мало задоцнување, на кинеската национална телевизија. По шест часа и по изминати 380 километри вселенското летало Шенжу 12 пристигна на целта, а неколку минути по поврзувањето астронаутите пријавија дека безбедно пристигнале на делумно составената вселенска станица Тјенгонг, во внатрешноста на основниот модул. Прв во неа влегол Ње, а веднаш по него и астронаутите Лиу и Танг. Интересно е што и астронаутските костими наменети за вселенски прошетки за оваа мисија се надградени, па астронаутите ќе можат да поминат во работа надвор од станицата 6 до 7 часа. Нивното враќање на Земјата е планирано за септември, приближно во исто време кога на станицата треба да пристигне и карго бродот Тјенжу 3.
Првиот поздрав на тројцата тајконаути по успешното пристигнување на вселенската станица
За следната година кинеската вселенска агенција планира уште 6 лансирања за потребите на доoформување на вселенската станица, за време на кои на неа треба да бидат донесени елементи од лабораторијата и да се комплетира склопувањето на триделната станица чијшто конечен облик ќе биде во форма на буквата Т. Покрај ова планирани се и две карго мисии до неа за носење намирници и дополнителна опрема.
Кинеската вселенска станица Тјангонг (Tiangong – Небесна палата) е сместена во ниската земјина орбита на висина од 340 до 450 км. По целосно завршување на нејзината изградба оваа орбитална станица ќе биде со големина околу петина од онаа на Меѓународната вселенска станица, односно приближно колку поранешната руска вселенска станица МИР. Основниот модул Тјанхе (Tianhe), долг 16,6 m и со дијаметар од 4,2 m, беше лансиран на 29 април оваа година.
Кинезите планираат на вселенската станица да се одвиваат биомедицински истражувања, астрономски набљудувања, како и вселенски прошетки надвор од станицата.
Како ќе изгледа вселенската станица Тјангонг кога ќе биде целосно завршена