Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 5/6/7.6.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 07.06.2021 - 14:00

Во овој времеплов пишуваме за две значајни иновации од областа на компјутерската технологија – компјутерот Епл 2 и модемот, за откривањето на една нова болест на почетокот на 80-тите години од минатиот век – СИДА-та, го одбележуваме раѓањето на Ричард Смоли и си споменуваме за несреќната судбина на екипажот на Сојуз 11...

 

5.6.1977 – Започна продажбата на Apple II

Архитектурата на оригиналниот Apple II се одликувала со процесор од 1MHz MOS 6502, компјутерот имал интегрирана тастатура, вграден BASIC интерпретер за програмирање, меморија со осум слотови за експанзија (па од 4K меморијата можеше да се прошири на 48К), монитор способен приказ на графика во боја, звучна картичка. Вклучувањето на сите овие карактеристики во една дискретна единица беше мошне иновативен чекор. Токму поради ова овој компјутер се смета за првиот практичен персонален компјутер.

Apple II бил достапен и како матична плоча, без тастатура и напојување. Неколку години подоцна, едноставноста на Apple II во комбинација со првата апликација интересна за деловниот свет – програмата за табеларни пресметки VisiCalc, ги популаризирала персоналните компјутери меѓу деловните корисници. Овој ненадеен успех на “домашниот компјутер” во деловниот свет ги изненади другите компании и го наведе IBM сериозно да се зафати со развојот на нивниот IBM компјутер. (И. З.)

5.6.1981 – Пријавен е првиот случај на СИДА

Иако првите вести за оваа нова болест се појавија на 18 мај 1981 година во дневникот на геј заедницата New York Native, првиот клинички извештај каде се споменува СИДА (AIDS) е издаден на 5 јуни 1981 година. Првите пет случаи се пријавени во САД и биле дел од кластерот корисници на дроги и геј мажи. Кај пациентите не бил најден познат причинител за нарушувањето на нивниот имунитет коешто довело до развој на симптоми на ретка опортунистичка инфекција којашто се јавува кај луѓе со длабоко нарушен имун систем – пневмонијата Pneumocystis carinii. Наврзо потоа неочекувано голем број мажи со хомосексуална ориентација развиле еден многу редок вид на рак на кожата, Капоши саркома. Со појавата на сè поголем број вакви случаи Американскиот центар за контрола и превенција на заразни болести (CDC) ја подигнал будноста и формирал посебна единица за следење на можна појава на епидемија.


HIV-1 вирусот, обоен зелено, виден под електронски мискроскоп

На почеток, новата болест немала име, па за нејзин опис се користеле придружните болести кои се јавувале во одминатата фаза. Во е момент американскиот CDC дури ќе ја нарекува болеста “Болест на четирите Х”, алудирајќи на најпогодените популациски групи – хомосексуалната заедница, зависниците од хероин, хемофиличарите и Хаиќаните. Но со сознанијата за новата болест и идентификувањето на случаи надвор од овие заедници веќе следната година, во јули 1982, болеста ќе го добие името со коешто и денес ни е позната Acquired ImmunoDeficiency Syndrome – AIDS, односно СИДА. (Н. С.)

 

6.6.1943 – Роден е американскиот научник и нобеловец Ричард Смоли

Смоли (Richard Smalley) се занимавал со истражувања во областа на физичката хемија, каде што со помош на масена спектрометрија (МС) го набљудувал формирањето на некои неоргански кластери во гасна агрегатна состојба. За време на осумдесетите години на 20. век соработува со Роберт Карл и Харолд Крото, кои со МС за прв пат набљудуваат формирање на една од многубројните јаглеродни молекули (фулерени): C60. Во тоа време, ова истражување претставува еден вид сензација: јаглеродните фулерени се трета алотропска модификација на јаглеродот (покрај графитот и дијамантот), утврдено е постоењето на молекулата C60 во вселената и поставени се темелите на нанохемијата. Смоли заедно со Крото и Карл ја добива Нобеловата награда по хемија во 1996 година. (А. К.)

Ричард Смоли

7.6.1971 – Советскиот Сојуз ја започнува мисијата Сојуз 11

Сојуз 11 за прв пат успешно донела екипаж во првата вселенска станица Салјут 1. Салјут 1 била испратена во орбитата во април истата година, додека првиот обид за полнење со екипаж бил неуспешен. Трите космонаути од мисијата Сојуз 11, В. Волков, Г. Доброволски и В. Пацајев претстојувале во оваа станица до 30 јуни 1971 година. За време на нивниот престој, извршени се различни мерења, поправки на вентилацискиот систем на станицата, додека е извршен и телевизиски пренос. При враќање на Земјата, капсулата со космонаутите претрпува штета, со што ова мисија заврши фатално. (А. К.)

7.6.1983 – Патентирана модем технологијата

Мајкл Етон го добил патентот за АТ командниот сет за модеми, кој ќе се користи како стандарден јазик за интеракција со модемите. Две години порано, правата за овој команден сет биле купени од корпорацијата Хејс и биле вклучени во нивниот Смартмодем 300 под името” Хејс Команден сет “. Протоколот ќе стане индустриски стандард што ќе се користи во наредните години. (И. З.)

Моделот 9600 Heyes SmartModem

Клучни зборови:
Типична Apple II конфигурација од 1977 година

Типична Apple II конфигурација од 1977 година 

Ричард Смоли

Ричард Смоли

HIV-1 вирусот, обоен зелено, виден под електронски мискроскоп

HIV-1 вирусот, обоен зелено, виден под електронски мискроскоп

Космонаутите В. Волков, Г. Доброволски и В. Пацајев

Космонаутите В. Волков, Г. Доброволски и В. Пацајев

Непосредно по уривањето на Сојуз 11

Непосредно по уривањето на Сојуз 11

Моделот 9600 Heyes SmartModem

Моделот 9600 Heyes SmartModem