Вака барем тврди Брет Хит, финансиски експерт и директор на Metalla Royalty & Streaming.
Брет Хит не и е добро познат на пошироката јавност, но тој го привлече нејзиното внимание оваа недела со изјавите од неговото интервју објавено на порталот Kitco News. Во него тој зборува за можноста криптовалутите да предизвикаат нова глобална финансиска криза и дава неколку интересни аргументи за неговото тврдење.
“Ако ја проучувате историјата на финансискиот систем”, вели Хит, “уште од пред неколку децении сите финансиски кризи имаа неколку заеднички карактеристики или причини. А една од нив е и масовното прифаќање на нов финансиски производ или технологија што пошироката јавност не ја разбира доволно добро. Таква беше состојба со кризата од 2008 година, предизвикана од хипотекарните заеми, односно масовно прифатените финансиски деривати од овие заеми коишто се покажаа безвредни. Ако погледенме малку подалеку во минатото, кризата пред неа, во раните 2000-ти, беше предизвикана од наглото прифаќање на Интернет технологиите, познато како DotCom меур."
Хит смета дека сега, со огромното зголемување на понудата од пари кои се печатат насекаде низ светот, инвестирањето во криптовалути доживува процут кој што пак, нема друга основа освен шпекулациите.
“Криптовалутите претставуват само дозвола за приватниот сектор да започне со печатење пари како што му одговара“, а луѓето потоа инвестираат во средства коишто "немаат вистинска вредност“.
Овој феномен претставува системски ризик исто како и во претходните кризи, бидејќи луѓето масовно влегуваат на тој пазар без поголемо знаење.
Според Хит, крајниот резултат ќе биде голема распродажба којашто ќе потсетува на технолошката криза од крајот на минатиот век. Кога толку многу средства во дигитална форма ќе бидат избришани или ќе исчезнат во кус временски рок, финансиските последици за целиот свет нема да бидат мали.