Во денешниот времеплов одбележуваме 15 години од отворањето на една од најпрепознатливите продавници на Епл сместена во Њујорк во форма на голема стаклена коцка; 278 години од претставувањето на новиот Целзиусов термометар и 111 години од најинтимната безбедна средба помеѓу Халеевата комета и Земјата...
19.5.2006 – Отворена е продавницата на Apple во форма на “коцка“ во Големото јаболко
Епл компјутерс ја отвори својата втора продавница за малопродажба во Њујорк. Продавницата со површина од 20 000 квадратни метри се наоѓала во подземниот простор на зградата на Џенерал моторс на 767 Петта авенија. Њујорчани со часови стоеле во ред за да бидат меѓу првите што влегле.
Продавницата е отворена 24-часа и на улично ниво може да се види како стаклена коцка висока 32 метри. Изведбата чинеше 9 милиони долари и беше дизајнирана од извршниот директор на Apple, Стив Џобс. (И. З.)
19.5.1743 – Жан-Пјер Кристен го претстави новиот Целзиусов термометар
Жан-Пјер Кристен е француски физичар, математичар, астроном и музичар на преминот од 17 на 18 век. Неговиот предлог за промена на Целзиусовата термометарската скала од дотогаш прифатеното 0º за точка на вриење на водата и 100º за точка на мрзнење на водата на пологичното 100º за точка на вриење а 0º за точка на мрзнење на водата, добил широка поддршка и прифаќање, а како таков се користи и ден денес.
Првите термометри, правени во Лион, користеле алкохол и Реомирова скала од 80 поделоци сместени на еднакво растојание од -0º како точка на топење на водата до -80º како точка на вриење на водата.
Во експериментите, Кристен заклучил дека употребата на живин термометар има повеќе предности од оној со алкохол, поради што на 13 јуни 1740 година го дал предлогот за ваков инструмент. Идејата за термометар со 100 поделоци ја добил при неговите истражувања кога забележал дека малата количина жива ставена во епрувета најнапред се собрала од ладното при ставање во сад со кршен мраз а потоа експандирала од топлината на врелата вода. Бидејќи забележал дека дилатацијата на живата се одвивала во распон од 100, сосема природно просторот го поделил на сто дела. Оваа нова единица мерка била помала од онаа на Реомир, но затоа била во склад со чувствата коишто ги предизвикувале температурните промени.
Имајќи го ова предвид во 1743 тој го претставил дизајнот за првиот живин термометар со 100 поделоци за степени, каде со 0 степени се означува точката на мрзнење на водата а со 100 степени нејзината точка на вриење. Првиот ваков Лионски термометар со 100 поделоци го изработил Пјер Касати. (Н. С.)
19.5.1910 – Земјата мина низ опашот од Халеевата комета
Контактот беше забележан како едно од ‘најинтимните’ искуства на нашата планета со Халеевата комета во историјата на човештвото. Се разбира, како и пред секој голем астрономски настан и овој беше проследен со најразлични катаклизимични предвидувања. Ова се должело претежно на тоа што неколку години порано, астрономите го детектирале присуството на отровниот гас цијаноген во кометата. Па, претпоставките оделе дотаму што мнозина сметале дека ако Земјата помине низ опашката на кометата, сите на планетата ќе умрат (лол!).
Иако астрономите објасниле дека молекулите од гасот во опашката се во мошне мало количество, и дека нема да се забележат апсолутно никакви погубни ефекти, незнаењето и суеверието ќе иницира низа опортунистички “бизниси” кои ја зграпчиле приликата па нуделе разноразни производи со назнака “комета”. Некои оделе дотаму што на испаничениот дел од јавноста му продавале секаква заштита од ефектите на транзитот, со меѓу другото и “апчиња за комети” коишто треба да го заштитат тој што ќе ги проголта од страшната смрт предизвикана од цијаногениот гас од кометата.
На 19 мај нашата планета помина низ опашката на кометата а следниот ден сите на Земјата кои беа во добро здравје сè уште биле живи – со или без пиење на “апчињата за комети” (Н. С.)