Рубрика: Телекомуникации
DAB+ зазема централно место во Eвропа
Автор: Димац Митковски
Објавено на 18.05.2021 - 14:00

WorldDAB е глобална асоцијација одговорна за дефинирање и промовирање на DAB / DAB +. Членството вклучува радиодифузери, регулатори, производители на автомобили, мрежни оператори, даватели на технологии и производители на опрема од 100+ организации и 33 земји. Минатата година се случија низа настани кои обезбедија јасен доказ за напредокот на стандардот.

Во октомври Германија го започна својот втор национален дигитален мултиплекс и понуди 16 нови услуги на потенцијална публика од 67 милиони луѓе. Во декември Швајцарија потврди дека ќе го исклучи FM радиото, почнувајќи од јавниот радиодифузер во 2022 година, проследено со приватните радиодифузери во 2023 година. На 21 декември 2020 година беше донесена важна одредба која е дел од Европскиот кодекс за електронски комуникации (EECC - European Electronic Communications Code). Тоа е директивата на ЕУ која ги регулира мрежите и услугите на електронските комуникации. EECC е усвоен во декември 2018 година и ја консолидира и реформира постојната рамка за регулирање. Во согласност со EECC земјите-членки мораa да ги прилагодат своите телекомуникациски прописи до 2020 година. Според оваа одредба сите радиоприемници во новите автомобили и во другите патнички возила мора да имаат можност да примаат дигитално земско радио. Поборниците за дигитално радио со нетрпение го очекуваа овој ден.

Минатата година беше клучна година за радиото DAB +, со значителен развој на повеќе европски пазари. Ваквиот развој на настаните беше поддржан од силниот раст на продажбата на приемници DAB и зголемената свесност за еколошките придобивки од DAB / DAB +’’. Ова се оценките на Претседателот на WorldDAB, господинот Патрик Хенон (Patrick Hannon) за успехот на дигиталното радио DAB + постигнат во 2020 година.

 

Продажба на уреди

Во првата половина на 2020 година, над 50% од продадените нови автомобили во Европа вклучиле DAB+ како стандард, бројка што се очекува да достигне 100% до крајот на 2021 година, бидејќи усвојувањето на DAB+ продолжува да расте низ цела Европа. Овој развој на пазарот се огледува од силната побарувачка на потрошувачите за радија DAB+. Продажбата на приемници DAB/ DAB+ е зголемена за 12% во 2020 година (продажбата на аналогни приемници е опадната за 21% во текот на истиот период). Во четвртиот квартал  овој тренд е уште поизразен поради што продажбата порасна за 22% на годишно ниво.

 

Зелени ефикасности на DAB

На крајот од минатата година беше направен голем напредок кога BBC го објави својот извештај за енергетскиот биланс на своите радиоуслуги. Извештајот кој беше презентиран на Генералното собрание на WorldDAB отвори нова основа, бидејќи за првпат се разгледуваше потрошувачката на енергија низ целиот радиски синџир на целосна вредност – производство, дистрибуција и слушање на потрошувачите. Извештајот на BBC посочи дека DAB е енергетски најефикасна платформа за радиодистрибуција. Заклучоците ја истакнаа поголемата ефикасност поврзана со радио DAB: 28% поефикасно од ФМ УКБ – фреквентна модулација на ултракратки бранови (на час за слушање); 59% поефикасно од IP (на час за слушање). Овие наоди се јасен доказ за клучната улога што ја има DAB/ DAB+ во создавањето на одржлива иднина на радиото – приоритет од голема важност за радиодифузерите и креаторите на политики.

Изгледи за 2021 година

Следниот голем развој на DAB+ во Европа ќе биде започнувањето на национални услуги во Франција. Регулаторот на медиумите даде зелено светло за услугите да бидат вклучени од 15 јули. Ќе бидат достапни два национални мултиплекси кои нудат 25 услуги, со клучен фокус на најголемите мрежни патишта – почнувајќи од автопатиштата што ги поврзуваат Париз и Марсеј.

 

Заклучок

Директивата EECC, заедно со силниот развој на клучните европски пазари, вклучувајќи ги Франција и Швајцарија, потврдува дека DAB+ ќе биде како основна идна платформа за радио во Европа. Силниот раст на приемниците DAB+ во автомобилите и радијата на потрошувачите го подвлекува овој напредок, а значењето на овие достигнувања не треба да се потценува. Улогата на радиото како најсигурен извор на вести и информации ретко била поважна. Во време на вонредна состојба, емитуваното радио постојано обезбедува нивоа на сигурност на услугата неспоредлива со мобилните мрежи.

Еколошките предности на DAB радиото се јасно докажани во извештајот на BBC за потрошувачката на енергија.

Од WorldDAB порачуваат Предизвик за нас сега е да го задржиме овој момент. Дигиталните платформи за емитување лежат во срцето на иднината на радиото. Сега е време да се осигураме дека имаме рамки на политики и стратешки фокус да го оствариме ова ветување.

Македонија и DAB

Каде сме ние во сето ова? На WEB страната  на WorldDAB https://www.worlddab.org/countries може да се најде и Република Македонија која се вбројува во земји со испитувања и / или регулатива. Според информациите што може да се добијат од WEB страната на ЈП Национална радиодифузија со проект вреден 800 000 Евра набавени се DAB предаватели и друга соодветна опрема. Од август 2019 година започната е експерименталната фаза со уреди пуштени во работа од пунктот на Водно кои вршат покривање со дигитален сигнал DAB+, на подрачје во радиус од 60 км. Сите фази на проектот би требало да се реализираат до крајот на 2023 година.Ова значи дека во блиска иднина би требало и кај нас дигиталното радио да биде достапно на целата територија на Македонија.

Клучни зборови: