Рубрика: Медицина
Колективниот имунитет и нискоефикасните вакцини
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 16.05.2021 - 20:45

Пред да разгледаме било што, најнапред да кажеме дека за тој што ќе прими вакцина, секоја вакцина е воглавно добра. Дискусијата која следи се однесува на (не)постигнувањето колективен вакцинален имунитет, односно за можноста за заразување на невакцинираните (со сите проблеми што заразувањето ги носи, вклучувајќи и смртен исход) од страна на неуспешно вакцинираните со нискоефикасни вакцини.

Да одиме со ред. Сите знаеме за импресивната стапка на вакцинираност во Израел, но помалку е познато дека на Сејшелите, мала островска држава во Индискиот Океан, стапката на вакцинираност со две дози е највисока на светот и изнесува 62%, наспроти 59% во Израел. Инаку, на Сејшелите со најмалку една доза веќе се вакцинирани 70% од населението, исто така најмногу во светот. Најголем дел од населението, 57% се вакцинирани со кинеската вакцина на Синофарм (со официјална ефикасност против заразување помеѓу 78% и 84%), додека 43% се вакцинирани со вакцината Ковишилд од Оксфорд/АстраЗенека (чијашто ефикасноста изнесува 82% доколку втората доза биде примена 12 недели после првата, но само 62% доколку била примена по само 3 недели). На првиот дијаграм е прикажана динамиката на вакцинацијата на Сејшелите наспроти Израел, каде 100% од населението е вакцинирано со високоефикасната вакцина на Фајзер, со ефикасност против заразување од 94%. Ќе видиме дека токму високата ефикасност ја менува целата слика.

На вториот дијаграм следува вистински шок. За разлика од Израел, кадешто вакцините на Фајзер ја завршија работата како што треба и кривата на вкупниот број случаи веќе е совршено израмнета, на Сејшелите во последно време дојде до вистинска експлозија во бројот на новозаразените (на вториот дијаграм). Попрецизно, во Израел дневниот број на новодијагностицирани изнесува 5,55 на милион жители, додека на Сејшелите изнесува 2 613,38 на милион. За споредба, во Македонија на врвот на пролетниот бран максималниот дневен број на случаи изнесуваше 726,44 на милион жители. Изгледа просто неверојатно, но според кумулативниот број на дијагностицирани на милион жители, Сејшелите, со преку 60% население вакцинирано со двете дози, ја надминале дури и Македонија, каде стапката на вакцинираност со две дози е занемарлива.

Ефективниот репродукциски број Rt, којшто претставува мерило на преносливоста на ковид-19, на Сејшелите веќе цели 4 месеци не се спушта под единица, односно таму владее епидемиско ширење на заразата, за разлика од Израел, каде Rt веќе 4 месеци е помал од единица, а во последно време се движи помеѓу 0,5 и 0,6, што индицира престанок на епидемискиот пренос, односно има само спорадично (случајно, несистематско) заразување точно како што би се очекувало во услови на колективен вакцинален имунитет. 37% од новите случаи на Сејшелите се луѓе коишто се вакцинирани со двете дози (!), а останатите со една или ниту една доза, според министерот за здравство на Република Сејшели.

Многумина научници се појасно тврдат дека вакцината од Синофарм не нуди јасен пат до колективен имунитет, особено ако се земат предвид разните варијанти на вирусот коишто се појавуваат ширум светот.

Владите коишто ја користат вакцината на Синофарм треба да сметаат со значителен процент на неуспешни вакцинации и соодветно да планираат“, изјавува Џон Мур, експерт за вакцини од престижниот Универзитетот Корнел, а пренесува Њујорк Тајмс. “Морате да ја известите јавноста дека сè уште постојат високи шанси за заразување“.

На полето на смртноста работите стојат подобро. Додуша, времето од избувнувањето на новиот бран на заразување на Сејшелите е прекратко за да се забележи голем пораст на морталитетот (на третиот дијаграм), но од друга страна забележуваме стабилен раст на дневниот број на починати. 80% од починатите се лица коишто НЕ биле вакцинирани. Но, каква утеха, ако се знае дека инфекцијата им ја пренеле вакцинирани лица, коишто иако помалку умирале, доколку вакцинацијата била успешна требало да го затворат патот на преносот на вирусот.

Навистина морате да употребите високоефикасни вакцини за да имате економска корист бидејќи во спротивно ќе морате да живеете со болеста уште долго време“, изјави Раина Мекинтир, која раководи со програма за биолошка безбедност на Институтот Кирби при Универзитетот во Нов Јужен Велс во Сиднеј, Австралија. “ИЗБОРОТ НА ВАКЦИНА Е ВАЖЕН“, продолжува таа. Доволно е да направиме споредба со Израел и сè ќе ни стане јасно (моја забелешка).

Можете да ми верувате, и да не ми верувате, но погоре изнесените факти се во линија со моите теоретски истражувања за потребната стапка на вакцинација, во функција од ефикасноста на вакцината и потребниот степен на заштита при дадениот базичен репродукциски број R0, за што пишував во неколку наврати на крајот од март. Заклучокот е дека ни вакцината на Синофарм не може да оствари колективен вакцинален имунитет, а камоли Коронавак/Синовак. Споредбата со Израел кажува сè и не остава простор за релативизирање.

За жал, Македонија својата вакцинална кампања претежно ја темели врз вакцината Синофарм (200 000 дози) и Синовак (500 000 дози). Среќа во несреќата, ако можеме да кажеме така, е што во Македонија постои многу висок степен на колективен имунитет од прележување (проценет на најмалку 50%), што сепак би требало да ја стави под контрола епидемијата. Проблемот со ниската ефикасност не можел да биде забележен во Кина, затоа што таму епидемијата е сузбиена преку строги карантини и ригорозни тестирања, односно до сега ниту имале потреба да се потпрат на вакцинацијата.

Да ги анализираме накратко причините за вакциналниот неуспех со Синофарм и Астра Зенека на Сејшелитe:

• Прво, можно е на Сејшелите да пристигнале нови, агресивни мутации на корона вирусот од Индија или Јужноафриканската Република. Сејшелите моментално не вршат никаква контрола на патниците на влезот во државата бидејќи нивната економија е многу зависна од туризмот, како главна стопанска гранка.

• Второ, колективниот имунитет од прележување на Сејшелите беше далеку помал отколку во Израел, поради што чисто вакциналниот имунитет не бил доволен да го сопре новиот бран. За новите соеви на вирусот, со базичен репродукциски број R0=4, потребниот комбиниран степен на колективен имунитет изнесува најмалку 75%.

• Трето, Синофарм е многу проблематичен околу транспарентноста и веродостојноста на резултатите објавени во нивните студии, што е констатирано и од страна на разни меѓународни институции. Најкратко кажано, можно е вистинската ефикасност да е далеку пониска од рекламираната.

• Четврто, нејасно е преку какви канали Сејшелите дошле до вакцината, односно можно е да биле жртви на голема измама. Ова треба да биде големо предупредување и до Македонија, особено во светло на скандалот со вратениот капар и договорот за набавка преку анонимна фирма од Хонг Конг. Да не зборуваме за превисоката цена што ја плативме за една сосема просечна (можеби и потпросечна, односно полунеупотреблива вакцина како што е Синовак со нивната катастрофално слаба ефикасност).

• Можно е уште едно објаснување: имунитетот кај кинеските вакцини, базиран на деактивиран корона вирус, да настапува многу подолго од досега претпоставениот (односно рекламираниот) интервал. Кај АстраЗенека, со препорачан интервал од 12 недели помеѓу двете дози, доцното настапување на имунитет исто така претставува проблем, но барем сме запознаени со него. Ова доцнење, во комбинација со опуштањето на населението во споменатите земји, веројатно придонело кон последното избувнување на епидемијата.

Кај Сејшелите видовме екстремен пример на забегување на епидемијата при светски рекордно висока стапка на вакцинација. Сега ќе видиме дека и во други земји кадешто масовно се вакцинирало со Синофарм (Бахреин, Чиле, Обединетите Арапски Емирати), инаку земји со многу високи стапки на вакцинација, не доаѓа до смирување на епидемијата. Ситуацијата во Бахреин е особено лоша, што се гледа од кривата на кумулативната инциденца на шестиот дијаграм, која добива забрзување нагоре, слично како на Сејшелите. Во Чиле репродукцискиот број е околу единица, а единствено во ОАЕ се забележува одвај видливо забавување.

Ќе видиме како ќе се одвива понатаму ситуацијата, бидејќи е можно вакцината на Синофарм само многу бавно да создава имунитет, поради што се случува оваа аномалија (што би значело дека можеби нема проблем со ефикасноста). Инаку, единствено во случајот на Израел (применета е 100% вакцината на Фајзер/Бајонтек) кривата на кумулативната инциденца е израмнета, односно постигнат е колективен вакцинален имунитет.

Да се потсетиме, ефективниот репродукциски број Rt се намалува пропорционално со намалувањето на пропорцијата S/N на сусцептибилни (чувствителни, непрележани) лица во популацијата: Rt=R0*S/N, каде S е бројот на сусцептибилни, N е вкупниот број на лица во популацијата, а R0 е базичниот репродукциски број којшто би важел доколку нема прележаност и/или вакцинираност.

Поинаку кажано, како што се зголемува бројот на имунизирани N–S  (било со прележување или вакцинирање), така се намалува бројот на сусцептибилни S, а заедно со него се намалуваат и пропорцијата на сусцептибилни S/N и ефективниот репродукциски број Rt. Но, во случајот на погоре прикажаните земји (освен Израел), а особено Сејшелите и Бахреин, тоа не важи, што значи дека имало проблем, било со ефикасноста на вакцините, било со бавното создавање имунитет.

Какви поуки можеме да извлечеме тука, во Македонија?

Најпрво, да се побрза со вакцинација во текот на летото и да се искористи сезонското намалување на преносливоста на заразата. За да се надеваме на колективен вакцинален имунитет потребно е во зимата да влеземе со најмалку 1,11,2 милиони вакцинирани во популација од 1,8 милиони жители. Пресметките сме ги виделе тука повеќе пати, но дури и без никакви пресметки, споредувајќи ја стапката на вакцинираност во Израел од над 60% (кои додуша користеле високоефикасни вакцини од Фајзер) доаѓаме до истата бројка. Кај нас дополнителен проблем ќе претставува вакцинацијата со помалку ефикасни вакцини. Бидејќи во најголем процент ќе се користат нискоефикасните кинеските вакцини на Синовак (со проблематична ефикасност од 51% до 65%, средно 58%) како и на Синофарм (со ефикасност од 79% - 84%, средно 82%), сметајќи со 60% вакцинираност на населението со Синовак, 30% со Синофарм и 10% со високоефикасните вакцини на Фајзер и Спутник В (ефикасност 94%), пондерираниот просек на стапката на ефикасност би била околу 0,6*58% + 0,3*82% + 0,1*94% = 68,8%, односно приближно 69%. За да го компензираме негативното влијание на помалата ефикасност во однос на 94%-ната ефикасноста во Израел, потребниот број на вакцинирани кај нас би требало да биде поголем од 1,1 милиони, поточно 1,1*94%/69% = 1,5 милиони жители, односно целокупното возрасно население. Јасно е дека тоа нема да може да се постигне во македонски услови.

Но, да видиме што можеме реално да сториме. Покрај агитирањето и форсирањето на вакцинацијата на 1,1 милион жители, многу важно е на населението да му се објасни проблемот со недисциплината и/или неефикасноста на вакцините на Сејшелите и Бахреин. Покрај постигнувањето на неопходната стапка од над 60% вакцинираност (која иако недоволна при стапка на ефикасност против заразување од 69%, од немајкаде претставува реален максимум во наши услови), населението треба да сфати дека мора МАКСИМАЛНО ДА ВНИМАВА на превентивните мерки, исто како да не се вакцинирало, во период од 2,53 месеци (за кинеските вакцини) односно 3,54 месеци во случај на вакцината на Оксфорд/АстраЗенека (Ваксзеврија), после првата доза. Во случајот на високоефикасните вакцини тој период се скратува на 4 до 5 недели.

Зошто ни се потребни најмалку 1,1 милион вакцинирани? Да претпоставиме дека моментално, сметајќи заедно со недијагностицираните прележани, имаме стапка на прележаност од околу 50% до 60% (900 000 до 1 100 000 прележани лица) и дека сите се имуни, што не мора да значи дека е точно. Доколку се вакцинираат 1,1 милион лица, при средна стапка на ефикасност од 69% (изведена погоре), имуни од заразување би биле околу 1 100 000 * 69% = 759 000 лица, односно 42% од вкупно 1 800 000 жители. Од овој број 50% до 60% веќе биле имуни од прележување (се вакцинирале, а никогаш не дознале дали прележале), што значи дека новодадени имунизирани (со вакцинирање) ќе бидат 40% до 50% од 759 000, односно само 304 000 до 380 000 лица, кои се додаваат на претпоставено прележаните 900 000 до 1 100 000 лица. Така доаѓаме до еден дијапазон помеѓу 900 000 + 304 000 = 1 204 000 и 1 100 000 + 380 000 = 1 480 000 лица, односно средно околу (1 204 000 + 1 480 000) / 2 = 1 342 000 вкупно имунизирани лица по двата основи, од прележување и вакцинирање. Тоа претставува 74,5% од вкупната популација, што е на самата граница на потребниот колективен имунитет од 75% при укинати секакви мерки, сметајќи со R0=4 за британскиот и поновите соеви (1-1/R0 = 1-1/4 = 0,75 = 75%).

Но, што ако повеќето недијагностицирани прележани, како и дијагностицирани асимптоматски немаат доволен имунитет за да спречат епидемиско ширење на болеста? Тогаш би требало да се вакцинираат уште повеќе од 1,1 до 1,2 милион лица, што во случајот на Македонија (веројатно и повеќето земји во светот) е невозможна мисија, па остатокот до потребиот колективен имунитет би се дополнувал со имунитет од дополнително прележување. Како што гледаме, во Бразил и Перу е во тек втората зимска сезона и бројките продолжуваат да растат.

Уште еднаш да повториме: целната бројка на вакцинирани до почетокот на зимата треба да биде 1,1 милиони (целокупното возрасното население коешто доброволно прифаќа да се вакцинира) и да се води сметка за превентивните мерки после првата доза во погоре наведените временски интервали од 2,5 до 4 месеци.

================================

На крајот, на примерот на Сан Марино (на долниот, седми дијаграм) ќе видиме како се намалува преносливоста и како се постигнува колективен вакцинален имунитет со помош на високоефикасната вакцина Спутник В. Како што е познато, Сан Марино есента беше светски лидер според вкупниот број на ковид-19 случаи на милион жители (кумулативна инциденца). Откако стапката на вакцинираност надминала 30%, ефективниот репродукциски број Rt опаднал под единица, односно дневните бројки на нови случаи започнале експоненцијално да се намалуваат. Денеска во Сан Марино има само спорадични случаи на ковид-19, односно постигнат е колективен вакцинален имунитет. Во овој случај, не само што вакцината Спутник В има супериорна ефикасност против заразување (94%), туку и временскиот интервал до постигнување имунитет е околу еден месец од правата доза доволно кратко за да спречи епидемиско ширење на болеста.

Би сакал да му се заблагодарам на Ivan Novakovski кој прв ми укажа на проблемот со вакцините на Сејшелските Острови.

*Оригиналниот текст во Њујорк Тајмс во којшто се анализира ситуацијата на Сејшелските Острови може да се најде на следниот линк: https://www.nytimes.com/.../covid-seychelles-sinopharm...

Клучни зборови: