Познато е дека Apple Watch нуди разни функции поврзани со фитнесот и здравјето. Од шестата серија компанијата воведе и мониторинг на кислородот во крвта (SpO2), а веќе во идните модели се очекува Епл да воведе уште повеќе вакви функционалности поврзани со здравјето и фитнесот.
Според некои извори, во идните модели на часовникот од Епл се очекува претставување на можност за набљудување на крвниот притисок придружена со можност за следење на нивото на алкохол во крвта. Вестите се совпаѓаат со патентот поднесен од Apple, којшто предлага воведување на можност за следење на гликозата со помош на паметен часовник.
Британската технолошко-здравствена компанија Rockley Photonics потврди дека Apple ќе може да ги користи нивните сензори веќе од следната 2022 година откако преку документите на компанијата за имплементација на нови производи се откри дека најголемиот дел од нејзините приходи потекнуваат од Apple. За волја на вистината, извршниот директор на Rockley Photonics рече дека нивната нова технологија ќе биде имплементирана во потрошувачките производи до 2022 година, без да споменува какви и да е имиња. Па така, можноста сензорите да се користат во Apple Watch не е 100% потврдена, но е многу веројатна.
На воведувањето на можноста за следење на крвниот притисок со паметниот часовник на Епл се чека веќе подолго време. Но засега сè нема многу конкретни и потврдени детали.
Во меѓувреме, се очекува дека оваа година, во август или во септември, компанијата Епл ќе ја лансира новата Серија 7 на паметни часовници.