Германците дури и епидемијата ја решаваат со технички методи. Мојата одамнешна замисла за автоматско, алгоритамско прогласување на карантин ако 14-дневната инциденца надмине 150 –200 случаи на 100 000 жители, Германците ја спровеле во дело. Таа метода ја нарекле нотбремзе (Notbremse), односно хавариска сопирачка, која сите ја знаеме од возовите.
Според германскиот алгоритам хавариската сопирачка се активира ако седумдневната инциденца (не чекаат дури ни на 14-дневната), три дена едноподруго надмине 100 случаи на 100 000 жители. Нема преразгледувања, нема политички одлуки. Планот го имаат и механички постапуваат според него.
Но, тие ја немаат нашата власт која го загрозија здравјето на цела нација заради болната тврдоглавост секогаш да бидат во право, кога е очигледно дека не се. Таму нема „Ние сметаме дека нашите мерки се доволни и тие ќе дадат резултат“ (видовме дека немаше резултат и никој не одговараше) Или: „Нема да има затворање сè до целосниот распад на здравствениот систем“ (ЖК). Па така, кога ги воведоа мерките знаевме дека дошол распадот. А дека дошол, беше јасно уште кога се појави зазорот меѓу жолтата и сината линија на вториот дијаграм.
Инаку, површината помеѓу овие две криви е пропорционална на необјаснетата одвишна смртност која ја гледаме во месечните билтени на ДЗС. Во есенскиот бран таа необјаснета одвишна смртност (луѓе за кои немало места во болниците или не ги примале поради нетестирање итн.) изнесуваше 2500 лица. Во пролетниот бран оваа бројка ќе биде помала (површината заградена со жолтата и сината линија сега е двојно помала), но во јули, штом излезе априлскиот билтен на ДЗС сепак ќе видиме најмалку 1000 необјаснети одвишни починати. Значи, колкав е досегашниот реален биланс од епидемијата во Македонија? 4628 официјално починати, плус споменатите 2500 од ланските билтени на ДЗС (коишто самиот ДЗС ги призна како жртви на ковид-19), плус најмалку 1000 кои веќе умреле надвор од болничкиот систем и коишто ќе ги видиме во јули, во априлскиот билтен. Тоа се најмалку 8100 досега починати! При ова темпо на додавање смртни случаи до летото ќе има уште близу 900 нови случаи, што реалниот црн биланс ќе го доведе близу до 9000!
Тоа е цената на непромислените, монструозни политики на соживот со вирусот и жртвување туѓи животи, наместо енергичното повлекување на хавариската сопирачка.
На крај само уште еден мал коментар за бројот на хоспитализираните. Дури деновиве, откако се пополни зазорот помеѓу жолтата и сината линија, се создадоа услови за намалување на бројот на хоспитализирани (слично како од Нова година до февруари, кога тие две линии заеднички се движеа, односно кога важеше нормалната корелација помеѓу активните и хоспитаизираните случаи, поврзани со нормалната стапка на хоспитализираност од 11%). Доказ дека болничкиот систем крахирал е што сината линија беше отсечена, односно не можеше да го следи растот на активните случаи, поради што и беа донесени последните рестриктивни мерки – признавање на поразот. Наводно имале 200 постели, но како тогаш растечкиот број на активни случаи не бил следен со хоспитализации? Како тоа при опаѓање на активните случаи да останува истиот број на хоспитализирани и не се намалува? Па едноставно – како што се затворале случаите така најпосле се наоѓало место за оние за кои досега немало. Најпосле, дури сега ќе започнат двете криви заеднички да се спуштаат (како што стапката на хоспитализација ќе се приближува кон 11%), независно од тоа што досега ни зборуваа, односно директно в камери лажеа.