Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 22.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 22.04.2021 - 22:00

Денес по 51 пат го одбележуваме Денот на планетата Земја, ден замислен за подигање на свеста во врска со глобалните еколошки проблеми. Покрај ова во денешниот времеплов 130 години од раѓањето на Херолд Џефрис, 145 години од раѓањето на Роберт Барани, и 329 години од раѓањето на шкотскиот математичар Џејмс Стирлинг. Пред точно 965 години на денешен ден кинеските астрономи го прават последниот запис од набљудувањето на суперновата што денес ја знаеме како маглината Рак. Одбележуваме и два мрачни датуми – денот кога за првпат беше употребено хемиско оружје и денот кога е за првпат бил направен ТВ-пренос од детонирање на нуклеарна бомба...

22.4.1970 – За првпат одбележан Денот на планетата Земја

Денот на планетата Земја за првпат беше прославен во Соединетите американски држави со цел да се подигне свеста за проблемите со животната средина. Првиот Ден на Земјата се однесуваше на пренаселеноста и стресовите што потекнуваат од неа, како и проблемите со глобалното ладење.

Глобалното ладење како хипотеза била особено популарна во 70-тите години од минатиот век. Според неа на Земјата и следи непосредно ладење, коешто ќе кулминира со период на обемна глацијација. Причинители за ова ладење би требало да бидат аеросолите во атмосферата и орбиталното поместување на Земјата.

Денес Денот на планетата Земја со пригодни настани се одбележува во речиси 200 земји низ целиот свет. (Н. С.)

 

22.4.1891 – Роден е Харолд Џeфрис

Харолд Џефрис (Harold Jeffreys) е англиски математичар, геофизичар и астроном. Тој прв предложил дека Земјата има стопено јадро. Исто така, Џефрис ги пресметал температурите на површината на надворешните планети од Сончевиот систем. Пресметките покажале дека површински температури на планетите се многу ладни, а не многу жешки, како што предлагале тогашните научни предвидувања. (Н. С.)

 

22.4.1876 – Роден е Роберт Барани

Роберт Барани (Robert Bárány) е унгарски лекар, награден со Нобелова награда за медицина во 1914 година за неговото истражување на вестибуларниот апарат на внатрешното уво.

Вестибуларниот апарат ни помага за одржување на рамнотежата и ни дава чувство за просторната ориентација. Со испраќање на информации до мозокот ни помага, во координацијата со видот, да стоиме исправено. (Н. С.)

 

22.4. 1056 – Последен запис од набљудувањето на суперновата чиј остаток е маглината Рак

Анонимен кинески астроном запишал дека “ѕвездата гостин во соsвездието на Бик стана невидливa”. “Ѕвездата гостин” всушност била манифестација на супернова, којашто првпат е забележана на 5 јули 1054 година. Сјајот на суперновата се зголемил постигнувајќи чеирипати поголем сјај од Венера на ноќното небо. Ова овозможило ѕвездата да биде видлива и дење. Остатоци од оваа супернова експлозија се радио пулсарот и околната маглина Рак. (Н. С.)

Маглината Рак видена низ окото на вселенскиот телескоп Хабл (лево) и како фотографија добиена со комбинацина на податоци од вселенските опсерватории Чандра и Хабл (фото: НАСА)

 

22.4.1692 – Роден е Џејмс Стирлинг, шкотски математичар

Џејмс Стирлинг е мошне значаен шкотски математичар. По него се именувани Стирлинговите броеви, Стирлинговите пермутации и Стирлинговите апроксимации. Ја докажал валидната класификација на кубикот на Исак Њутн.

На 18-годишна возраст започнал студии на колеџот Балиол (Balliol College) во Оксфорд. Во Венеција се вработил како професор по математика. Но по многу незгодни лични перипетии опасни по неговиот живот, со помош на Исак Њутн се вратил во Лондон околу 1725 година, каде што останал околу 10 години. Се допишувал со еминентни математичари и своето време максимално го користел за проучување и истражувања во математиката. Во 1730 е објавено неговото најважно дело Methodus diferencijalis, sive tractatus de summatione et interpolatione infinitarum. Во 1735 година, на Кралското друштво во Лондон го пријавил својот труд “За сликата на Земјата и промена на силата на гравитацијата на нејзината површина“. Бил иноватор и се занимавал и со класично индустриско иноваторство кое нашло примена во производствените капацитети. Починал на 5 декември 1770 година во Единбург. (Т. С.)

 

22.4.1952 – Прв телевизиски пренос на тест на атомска бомба

Во 9 часот и 30 минути, Соединетите американски држави ја детонирале атомската бомба Тамблир Чарли (Tumbler Charlie) во месноста Јука Флетс, во пустините на Невада. Истовремено, целиот настан за првпат бил пренесуван во живо за американската ТВ-публика.

При тестот било постигнато дотогаш најголемо распрснување во воздухот, со предвиден принос од 31 килотон. Бомбата тешка 4 735,5 килограми била фрлена од бомбардер од типот Б-50 Суперфортрес. Бомба поседувала ново, високоефикасно јадро, а самиот пад бил пресметан така што овозможувал мерење на ефектите од експлозијата, но истовремено да пружи доказ за функционалноста на новиот концепт. (Н. С.)

 

22.4.1915 – За првпат е употребено современо хемиско оружје

Современото хемиско оружје за првпат било употребено од страна на германската војска во текот на Првата светска војна. Германските трупи расфрлале над 150 тони хлор во вид на гас за време на Втората битка за Ипрес во Белгија. Зелениот гас бил распрскуван со детонирање на канистрите над линијата на француските ровови. Во овој прв напад со хемиско оружје погинале 5000 војници.

Гасните напади станале пософистицирани во текот на војната. До крајот на војната, употребата на хемиско оружје ќе предизвика околу 88 000 смртни случаи и 1,2 милиони нефатални жртви од обете страни. (Н. С.)

Распрскување на цилиндри со отровен гас за време на Првата светска војна

Клучни зборови:
Одбележување на првиот Ден на Земјата

Одбележување на првиот Ден на Земјата

Одбележување на првиот Ден на Земјата во Њујорк

Одбележување на првиот Ден на Земјата во Њујорк

Њујорк Тајмс известува за првото одбележување на Денот на планетата Земја

Њујорк Тајмс известува за првото одбележување на Денот на планетата Земја

Харолд Џефрис

Харолд Џефрис

Роберт Барани

Роберт Барани

Слика на маглината Рак добиена со комбинација на податоците добиени од вселенските опсерватории Хабл и Чандра

Слика на маглината Рак добиена со комбинација на податоците добиени од вселенските опсерватории Хабл и Чандра

Маглината Рак видена низ окото на вселенскиот телескоп Хабл

Маглината Рак видена низ окото на вселенскиот телескоп Хабл

Џемс Стирлинг

Џемс Стирлинг

Детонацијата на Тамблир Чарли

Детонацијата на Тамблир Чарли

Распрскување на цилиндри со отровен гас за време на Првата светска војна

Распрскување на цилиндри со отровен гас за време на Првата светска војна