Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 15.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 15.04.2021 - 16:30

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на најпознатиот ренесансен уметник и научник Леонардо Да Винчи. Покрај тоа го одбележуваме денот за кој многумина велат дека претставува роденден на компјутерската индустрија. Се сеќаваме и на делата на македонскиот физичар Борис Стојчев и рускиот научник Михаил Василевич Ломоносов.

 

15.4.1452 – Роден е најпознатиот ренесансен уметник и научник Леонардо Да Винчи

Леонардо Да Винчи е роден во селото Винчи (Тоскана, Италија). Исклучително широко е неговото поле на интерес. Речиси нема област од науката, уметноста и техниката во која не дал свој придонес. Најпознат е по своите слики, но има и значаен придонес за техниката и, воопшто, за науката. Тој е најсветлиот факел во темното средновековие во Европа. Се занимавал со проблемите со наводнувањето, воената техника, аеродинамиката (првите нацрти за хеликоптерите се негово дело), архитектурата, анатомијата, акустиката, конструирањето на музички инструменти и со што уште не.

Починал на 2.5.1519 година во Франција. (Т. С.)

 

15.4.2010 – Починал Борис Стојчев, македонски физичар

Борис Стојчев е роден на 1 јуни 1924 година во Битола. Од 1964 година е редовен професор на универзитетот во Торонто и негов почесен професор, член на МАНУ надвор од работниот состав од 1981 година. Во Канада е доселен во 1931 година, а дипломирал во 1947 година и докторирал во 1950 година на Универзитетот во Торонто. Пред тоа,13 години работел во Националниот истражувачки совет во Отава. Во врвни стручни списанија објавил повеќе од 150 забележителни статии поврзани со интеракцијата на светлината и материјата, Рамановата спектроскопија со висока резолуција и нелинеарната спектроскопија. Го направил првиот ласер во Канада и нашол ингениозни примери на ласерите за истражувачки цели. Раководел со изработката на 25 докторски дисертации. Во 2002 година објавил обемна биографија на својот ментор, нобеловскиот лауреат Герхард Херцберг. Од 1972 до 1977 бил декан на Факултетот за инженерство во Торонто, претседател на Американското друштво за оптика (1976) и на Канадската асоцијација за физика (1983 – 1984), повеќегодишен член на научниот совет на Канада и секретар (1996) на Меѓународната асоцијација за чиста и применета физика. Се стекнал со почести во Канада и во други земји; член е на академиите на Канада, САД, Велика Британија и Индија. (Т. С.)

 

15.4.1765 – Починал Михаил Василевич Ломоносов

Михаил Василевич Ломоносов (1711 - 1765) бил руски научник и писател. Тој дал важен придонес во науката, образованието и во литературата. Неговите сфери на интерес биле природните науки, хемијата, физиката, минерологијата, историјата, уметноста, филологијата и други. Меѓу неговите откритија биле атмосферата на Венера и законот за зачувување на масата во хемиските реакции. Ломоносов исто така  бил поет  и влијаел врз формирањето на современиот руски литературен јазик. (Д. М.)

 

15.4.1977 – Раѓање на компјутерската индустрија

Првиот годишен компјутерски саем West Coast Computer се одржал во Сан Франциско, Калифорнија. Настанот траел три дена и во него учествувале 12 750 луѓе. Саемот го означил дебито на компјутерот Apple II, кој имал 16 KB меморија, BASIC, вградена тастатура, осум слотови за експанзија и вградена графика во боја со висока резолуција. Многумина го сметаат овој настан и претставувањето на Apple II како зачеток на индустријата за персонални компјутери. (И. З.)

Клучни зборови:
Леонардо Да Винчи автопортрет

Леонардо Да Винчи, автопортрет

Скици од Леонардо да Винчи

Една од најпознатите скици од Леонардо да Винчи

Проучување на анатомијата – Леонардо да Винчи

Проучување на анатомијата – Леонардо да Винчи

Борис Стојчев, македонски физичар

Борис Стојчев, македонски физичар

Михаил Василевич Ломоносов

Михаил Василевич Ломоносов

Михаил Василевич Ломоносов

Михаил Василевич Ломоносов