Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 13.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 13.04.2021 - 14:15

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на американскиот математичар со полско потекло Стен Улам, на шкотскиот физичар сер Роберт Александар Вотсон-Ват и на американкиот биолог Мајкл Стјуарт Браун. Исто така го одбележуваме и денот кога беше лансиран првиот навигациски сателит...

 

13.4.1909 – Роден е математичарот Стен Улам

Станислав “Стен” Улам (Stanisław Marcin Ulam) e полско-американски математичар. Учествувал во Проектот Менхетн, од каде настанал Телер-Уламовиот дизајн за термонуклеарно оружје и бил вклучен во раните истражувања за употребата на компјутерите во математиката. Го смислил методот Монте Карло, којшто претставува збир пресметковни алгоритми што се засноваат на повторувањето случајни причинители за добивање на нумерички резултати. Со помош на овој метод Улам го пресметал и го предложил нуклеарниот пулсeн погон. Докажал неколку теории и предложил неколку хипотези. (И. З.)

 

13.4.1892 – Роден е сер Роберт Александар Вотсон-Ват

Сер Роберт Александар Вотсон-Ват (Sir Robert Alexander Watson-Watt) е шкотски физичар, познат по тоа што го развил уредот радар наменет за детекција и лоцирање на воздухоплови. Се школувал на универзитетот Сент Ендрјуз, а подоцна предавал на универзитетот Данди. Од 1917 година работел во Метеоролишката служба каде дизајнирал уреди за детекција на олујните облаци и за истражување на јоносферата, термин којшто самиот го воведува во 1926 година.

Во 1935 година бил поставен за раководител на радио одделот при Националната лабораторија за физика на Велика Британија, каде ја започнал неговата работа за развој на уред за локација на авиони. Неговите истражувања ќе доведат до развој на уредот РАДАР, име добиено како акроним од RAdio Detection And Ranging. Радарот ќе одигра клучна улога во битката за Британија, овозможувајќи и на одбранатта рана детекција на германските воздухоплови при воздушните напади во текот на 1940 година.

За неговите заслуги во создавањето на радарот на Вотсон-Ват ќе му биде доделена титулата витез.

Починал на 5 декември 1973 година. (Н. С.)

 

13.4.1960 – Лансиран е првиот навигациски сателит

НАСА и морнарицата на САД го лансираат првото летало од серијата навигациски сателити Транзит. Транзит-1Б е дизајниран да им помогне на бродовите во морнарицата да ја утврдат нивната позиција на море. Навигацискиот систем Транзит ќе може да ја прикаже точната локацијата на бродот со прецизност од околу 150 метри во почетната фаза на програмата, за кон крајот на програмата, во 1996 година, прецизноста да биде зголемена на ±80 метри. Овие сателити беа почетните чекори во развојот на сегашната сателитска GPS технологија. (Н. С.)

 

13.4.1941 – Роден е Мајкл Стјуарт Браун

Мајкл Браун е американски биолог кој во 1985 година заедно со Џозеф Голдстин ја добива Нобеловата награда за медицина, за нивните откритија за начинот на којшто метаболизмот го регулира холестеролот. Тие откриле дека клетките го отстрануваат холестеролот од крвотокот со помош на липопротеини со мала густина. Ова откритие ќе доведе до развојот и примената на статинските лекови за намалување на холестеролот коишто денес ги користат многу луѓе. (Н. С.)

Клучни зборови:
Станислав Улам

Станислав Улам

Роберт Вотсон-Ват и неговиот изум, радарот

Роберт Вотсон-Ват и неговиот изум, радарот

Сер Роберт Вотсон-Ват

Сер Роберт Вотсон-Ват

Навигацискиот сателит Транзит-1Б

Навигацискиот сателит Транзит-1Б

Мајкл Стјуарт Браун како предавач во Бергамо во 2014 година

Мајкл Стјуарт Браун како предавач во Бергамо во 2014 година

МКајкл Стјуарт Браун заедно со Џозеф Голдстин

МКајкл Стјуарт Браун заедно со Џозеф Голдстин