Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 9.4.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 09.04.2021 - 16:30

Во денешниот времеплов ги славиме родендените на американскиот биолог Грегори Пинкас и на данскиот архитект Јерн Уцон. Исто така го одбележуваме денот НАСА ги избра првите американски астронаути, и кога беше потпишан договорот за изработка на компјутерот ЕНИАК ...

 

9.4.1959 – НАСА ги избра првите американски астронаути

Во 59 година НАСА го објави изборот на првите седум американски астронаути избрани за програмата Меркур којашто ја тестира можноста дали луѓето би можеле да преживеат во вселената. Успешниот кандидат за астронаут морал да ги задоволи следниве критериуми: да биде маж, да има најмногу 40 години, да не е повисок од 180 сантиметри, да тежи помалку од 80 килограми и да е во одлична физичка кондиција.

На овој прв конкурс беа избрани само седуммина астронаути – Скот Карпентер, Гордон Купер, Johnон Глен, Гус Грисом, Воли Шира, Алан Шепард и Доналд Слејтон. (Н. С.)

 

9.4.1903 – Роден е Грегори Пинкас

Грегори Пинкас (Gregory Goodwin Pincus) е американски биолог најпознат по неговото учество во создавањето на првиот орален контрацептив. Пред ова станал познат кога додека работел како инструктор на Харвард успеал да ги добие првите зајачиња добиени во постапка на инвитро оплодување во 1934 година.

Во 1944 година ја сооснова фондацијата Ворчестер за експериментална биологија во Шрусбери, Масачусетс. Тој сакал да го продолжи истражувањето за врската меѓу хормоните и некои заболувања како што се карциномот, срцевите заболувања и шизофренијата, но и пошироко од ова. До крајот на 60-тите години од минатиот век, повеќе од 300 истражувачи од секаде во светот зеле учество во Фондацијата Ворчестер за експериментална биологија.

Пинкaс никогаш не изгубил интерес за системите за репродукција кај цицачите. Тој започнал да ја истражува неплодноста. Во 1951 година, Маргарет Сангер (Margaret Sanger) се запознала со Пинкaс, по што му обезбедила мал грант, доволен за тој да ги започне истражувањата за хормонален контрацептив.

Пинкaс, заедно со Мин Чуе Чанг (Min Chueh Chang), ги потврдиле претходните истражувања дека прогестеронот дејствува како инхибитор на овулацијата. По неколку години и тестирања, на крај Пинкас и Чуе Чанг ја имале првата контрацептивна “пилула”. (Н. С.)

 

9.4. 1943 – Потпишан договор за ЕНИАК

Договорот е потпишан помеѓу Факултетот за електротехника Мур на Пенсилванија и Армијата на САД, за изградба на електронски нумерички интегратор и компјутер (ЕНИАК), машина способна за тогашната извонредна брзина од 5 000 пресметки во секунда. ЕНИАК носеше ознака на воената тајна, бидејќи неговата примарна работа се состоеше во пресметување на “табелите за истрели“ на артилериските гранати. Пред ЕНИАК, оваа компјутерска работа ја правеле жени, таканаречени човечки компјутери, кои работеле во големи групи, користејќи механички калкулатори. По војната, ЕНИАК сè уште не бил завршен во февруари 1946 година, но една цела генерација на компјутерски дизајнери учела од неговиот дизајн, но и од летниот курс што го воделе Екерт и Мокли во училиштето Мур, во периодот од почетокот на јули докрајот на август истата година.

ЕНИАК можел да решава широк спектар проблеми со општа намена, а се користел и за тајни воени проекти, вклучително и прелиминарни пресметки за хидрогенската бомба на САД. (И. З.)

 

9.4.1918 – роден е Јерн Уцон

Јерн Уцон (Jørn Utzon) е дански архитект познат по неговиот динамичен, имагинативен но и многу проблематичен дизајн на Сиднејската опера во Австралија.

Уцон студирал на Школата за архитектура во Копенхаген, по што поминал три години во Стокхолм каде паднал под влијание на шведскиот архитект Гунар Асплунд (Gunnar Asplund). Одреден период студирал и во САД, додека во 1946 година во период од половина година работел во канцеларијата на финскиот архитект и дизајнер Алвар Алто. Меѓу неговите рани дела се вбројуваат две приватни куќи во Данска.

Во 1957 година Јерн Уцон победил на меѓународниот конкурс за дизајн на новата Опера во Сиднеј. Предложеното решение на Уцон му донесе светска слава. Од друга страна реализацијата на овој проект имала мноштво проблеми, а многу од нив произлегле од иновативнативната природа на дизајнот – серија од школки кои наликуваат на распнати едра. Ова придонело во 1966 година Уцон да се повлече од проектот, а изградбата на објектот да продолжи без него сè до септември 1973 година. Целосно изградената Сиднејска Опера денес е еден од светски најпознатите објекти, којшто директно асоцира и се поврзува со Сиднеј како град.

Во 1999 година Уцон се согласил да учествува како архитект при подобрување на проектот на ова грандиозно здание. Тој ја редизајнирал приемната сала, всушност единствениот внатрешен простор којшто бил изграден без отстапување од неговите оригинални планови. Оваа сала беше отворена во 2004 година и во негова чест е именувана како Собата на Уцон. Две години подоцна кон градбата била додадена и нова колонада, што е првата надворешна измена во изгледот по 1973 година. Во 2007 година Унеско ја прогласи зградата на Сиднејската Опера за светско наследство. (Н. С.)

Клучни зборови:

Седуммината од програмата Меркури (фото: НАСА)

Промоцијата на првите седум американски астронаути, учесници во програмата Меркури

Промоцијата на првите седум американски астронаути, учесници во програмата Меркури (фото: НАСА)

Грегори Пинкас

Грегори Пинкас

Грегори Пинкас

Грегори Пинкас

Мал сегмент од компјутерот ЕНИАК

Мал сегмент од компјутерот ЕНИАК

Данскиот архитект Јерн Уцон

Данскиот архитект Јерн Уцон

Операта во Сиднеј – најпознатото дело на Уцон

Операта во Сиднеј – најпознатото дело на Уцон

Националното собрание на Кувајт – уште едно здание од Уцон

Националното собрание на Кувајт – уште едно здание од Уцон