Во денешниот времеплов славиме 425 години од раѓањето на големиот француски математичар и философ Рене Декарт и 55 години од лансирањето на сондата Луна 10. Покрај ова одбележуваме 132 години од официјалното отворање на Ајфеловата кула, 190 години од раѓањето на шкотскиот хемичар Арчибалд Купер и 90 години од раѓањето на македонскиот нуклеарен физичар и академик Кирил Змбов...
31.3.1596 – Роден е Рене Декарт, француски математичар и филозоф
Рене Декарт (René Descartes) бил еден од двигателите на научната револуција во времето на просветителството. Нашироко е ценет како еден од основачите на современата философија и неговото дело “Размислувања за првата философија” (1641) останува едно од стандардните четива во повеќето оддели на философските факултети. Влијанието на Декарт во математиката е подеднакво очигледно, по него е именуван картезијанскиот координатен систем, а тој се смета и за татко на аналитичката геометрија – мостот помеѓу алгебрата и геометријата.
Роден е во Ла Еј ан Турен во Франција, на 31 март 1596 година. Поради неговото кревко здравје, образованието го започнал доцна, во 1607 година кога се запишал на Језуитскиот кралски колеџ Анри Гранд (Jesuit Collège Royal Henry-Le-Grand) во Ла Флеш, каде ги изучувал основите на математиката и физиката, вклучувајќи ја и работата на Галилеј. По дипломирањето во 1614 година, продолжил да студира уште две години (1615–16) на Универзитетот во Поатје, на крајот стекнувајќи се со диплома и лиценца за канонско и граѓанско право, во согласност со желбите на неговиот татко кој сакал тој да стане адвокат. Потоа се преселил во Париз.
Поради неговата амбиција да стане професионален воен офицер, во 1618 година Декарт се приклучил како платеник на протестантската холандска армија во градот Бреда. Тука, во рамките на воената школа Декарт го унапредил своето знаење од математиката, и се запознал со Исак Бикман, директор на училиште во Дордрехт. Заедно, тие го истражувале слободниот пад, конусниот пресек и статиката на течности. Обајцата верувале дека е потребно да се создаде метод којшто темелно ќе ги поврзува математиката и физиката.
Во 1620 година, Декарт ја напуштил војската. Посетил повеќе земји пред да се врати во Франција и во текот на следните неколку години, поминал извесно време во Париз. Токму тука го пишува неговиот прв есеј за методотRegulae ad Directionem Ingenii. Потоа се вратил во родниот Ла Еј во 1623 година, каде го продавал целиот свој имот за да инвестира во обврзници, потег што ќе му обезбеди удобен приход до крајот на неговиот живот.
Декарт се вратил во Холандската Република во 1628 година. Во април 1629 година, се приклучил на Универзитетот во Франекер. Следната година, под името “Поетевин“, се запишува на Универзитетот во Лајден за да студира математика и астрономија. Тој ги напишал сите свои главни дела за време на неговите 20 плус години во Холандија, иницирајќи револуција во математиката и философијата. Во 1637 година, објавил делови од “Трактат за светот’’ во три есеи: “Метеори” (Les Météores), “Диоптрија” (La Dioptrique) и Геометрија (La Géométrie), на кои им претходел вовед од неговата позната “Расправа за методот” (Discours de la méthode). Во делото тој ќе изложи четири правила на размислување, наменети да обезбедат дека нашето знаење има цврста основа.
Декарт продолжил да објавува дела од областа на математиката и на филозофијата до крајот на својот живот. Во 1641 година, го објавил метафизичкиот трактат “Размислувања за првата философија” (Meditationes de Prima Philosophia) напишан на латински, по што следи “Основи на философијата” (Principia Philosophiae) во 1644 година којашто претставува своевидна синтеза на “Расправа за методот” и “Размислувања за првата философија”. Во 1643 година картезијанската филозофија била осудена на Универзитетот во Утрехт, а Декарт бил primoran да побегне во Хаг каде населувајќи се во Егмонд-Бинен.
До 1649 година, Декарт станал еден од најпознатите европски философи и научници. Таа година, кралицата Кристина од Шведска ќе го покани на нејзиниот двор за да организира нова научна академија и да ја учи за неговите идеи за љубовта. Била заинтересирана и го стимулирала Декарт да ги објави “Страстите на душата’’, дело засновано на неговата преписка со принцезата Елизабетa од Бохемија. Декарт прифатил и се преселил во Шведска кон средината на зимата. На 1 февруари, се разболел од пневмонија и починал на 10 дена подоцна во 1650 година. Како католик во протестантска нација, бил закопан на гробиштата што се користеле главно за сираци во Стокхолм. Во 1663 година, папата ги ставил делата на Декарт во Индексот на забранети книги. Во 1666 година, шеснаесет години по неговата смрт, неговите останки биле однесени во Франција и погребани на гробиштата во Сент Етјен ди Мон, а подоцна пренесени во опатијата на Сен Жермен де Пре во Париз (1819). (Д. М.)
31.3.1966 – Лансирана е сондата Луна 10
Роботското летало Луна 10 или Луник беше лансирано од страна на Советскиот сојуз платформа во орбитата на Земјата. На 3 април истата година сондата стана првиот предмет направен со човечка рака кој се нашол во месечевата орбита. Својата прва месечева орбита сондата ја комплетира за околу 3 часа. Од неговата орбитална позиција сондата собираше податоци за магнетското поле на Месечината, радијациските појаси како и за космичкото зрачење. Сондата откри неколку области со поголема густина на површината на Месечината кои влијаат врз траекториите на објектите во орбитата. Ова откритие ќе биде од огромна важност при подоцнежните лунарни мисии.
Леталото Луна 10 беше напојувано со батерии, па по изминати 460 лунарни орбити и 219 емитувања на добиените податоци, на 30 мај 1966 година леталот престана да емитува радиосигнали. (Н. С.)
31.3.1831 – Роден е Арчибалд Скот Купер, шкотски хемичар
Арчибалд Купер (Archibald Scott Couper) открил дека атомите на јаглеродот се тетравалентни и може да формираат долги низи на молекули.
Според дотогашната општоприфатена теорија за поставеноста на молекулите се сметало дека молекулите се изградени врз единствен централен атом. Оваа теорија се покажала проблематична кога се во прашање органските соединенија, кои се чини дека немале централен атом. Откритието на Купер во врска со јаглеродните низи било мошне битно за рушење на оваа теорија.
Купер напишал труд за неговиот наод и го проследил до неговиот пријател хемичар Чарлс Адолф Вурц да го презентира пред Француската академија на науките. За жал, пријателот на Купер ќе одлага и ќе ја задоцни презентацијата пред академијата. Како последица на ова Арчибалд Купер ќе го изгуби приоритетот на наодот, и славата за откритието ќе му припадне на Август Кекуле кој речиси истовремено открива дека јаглеродните атоми можат да формираат повеќе врски, при што ја одредил и прстенестата структура на бензенот.
Целиот настан тешко ќе го погоди Купер и тој нема да издаде ниту еден научен труд до крајот на неговиот живот.
Но Арчибалд Купер сепак ќе има еден траен придонес во хемијата, а тоа е налинот на којшто хемичарите ги скицираат хемиските структури. Имено, Купер бил првиот којшто ги цртал хемиските структурите со ознаки на елементите кои биле меѓусебно поврзани со линии за да ја означат нивната меѓусебна врска. (Н. С.)
31.1.1931 – Роден е Кирил Змбов, македонски нуклеарен физичар и академик
Роден е во Кочани на 31 јануари 1931 година. Студирал физичка хемија на Природно-математичкиот факултет во Белград кадешто дипломирал во 1955 година. Од 1954 година се вработил во Институтот за нуклеарни науки “Борис Кидрич” во Винча, каде останал до крајот на својот работен век. Бил и директор на Лабораторијата за физичка хемија на институтот. Докторската дисертација од областа на површинската јонизација ја работел под раководство на академик Павле Савиќ и ја одбранил на Природно-математичкиот факултет во Белград 1963 година. Престојувал на постдокторска специјализација на Универзитетот Рајс во Хјустон (1965 – 1967). За член на МАНУ надвор од работниот состав, бил избран на 7 октомври 1988 година. Змбов бил член и на Српската академија на науките и уметностите.
Стручната активност на д-р Кирил Змбов во областа на аналитиката на нуклеарните материјали била посебно врзана за развојот на масено-спектроскопските методи на изотопската анализа на ураниумот, борот и деутериумот. Најзначајните резултати му се во подрачјето на масено спектрометриското испитување на хемиски процеси на високи температури. Поради непогодноста на користење на гасовитите соединенија на ураниумот и борот, тој развил посебен извор на површинска јонизација, која ќе овозможи изучување на механизмот на процесот и оптимизација на условите за зголемување на ефикасноста на методата. Заедно со унгарскиот научник И. Опауски вовел графитирање на јонизирачките површини за зголемување на ефикасноста на јонизацијата на ураниумот. Од неговата научна активност потекнале ред технички реализации, оригинални по концепцијата и изведувањето. Научните резултати се објавуваат во угледни домашни и странски публикации, а некои од неговите решенија спаѓаат во редот на најсовршените од тој тип во светот. Активно учествувал и во дејностите на научните институции во Република Македонија, соработувајки на повеќе научни проекти. Како визитинг професор соработувал со универзитетите во Хјустон - САД, Јилих – Германија и со Институтот за атомски истражувања (JAERI) во областа Токаи – Јапонија. Бил претседател на друштвото за масена спектрометрија на Југославија и член на Научниот совет на Меѓународното друштво за масена спектрометрија.
Починал ненадејно во Грција на 8 септември 2009 г. (Д. М.)
31.3.1889 – Ајфеловата кула е официјално отворена
Најпознатиот симбол на Париз, Ајфеловата кула, претставува технолошко чудо во историјата на градежништвото. Приказната за ова градежно дело е врзана со Меѓународната изложба во 1889 година. По повод одбележувањето на 100 годишнината од француската револуција француската влада ќе распише конкурс за дизајн на соодветен споменик. Од над 100 пријавени планови, комитетот за одбележување на јубилејот ќе го избере решението на Гистав Ајфел. Ајфеловиот концепт за 300 метри висока кула со решеткаста структура изградена во целост од ковано железо, истовремено предизвикала и воодушевување и скептицизам, а не биле мали ниту забелешките на естетска основа. По завршувањето на конструкцијата кулата служела како влез за изложбата.
Пред Ајфеловата кула во светот не постоел објект со толкава големина – со своите 300 метри висина таа е двапати повисока од куполата на црквата Свети Петар во Рим и од големата пирамида во Гиза. Изградбата на кулата била комплетирана за само 2 години, при што градежниот тим бил мошне мал, а цената на чинење извонредно ниска за објект со оваа величина.
Применувајќи го своето знаење за однесувањето на металните лакови и решеткасти структури под оптоварување, Ајфел успеал да конструира лесна, отворена, но истовремено и мошне цврста структура која ќе биде предвесник за последователната револуција во областа на градежништвото и на архитектонскиот дизајн.
Кулата ќе биде отворена за посета за јавноста на 15 мај 1889 година. (Н. С.)