Во денешниот времеплов одбележуваме 385 години од раѓањето на Санторио Санторио, првиот лекар кој сериозно се позанимавал со проблематиката на метаболизмот, 95 години од раѓањето на пакистанскиот физичар и нобеловец Абдус Салам, 135 години од поднесокот за патент за првата практична изведба на автомобил. Исто така на денешен ден пред речиси половина век беше пронајдена глинената армија на првиот кинески цар, а објавена и студијата што ги поврза зголемениот ризик за пушачите на контрацептивна пилула...
29.3.1636 – Роден е Санторио Санторио
Санторио Санторио (Santorio Santorio), познат и како Санкториус Санкториус, бил италијански лекар. Познат е по тоа што ја направил првата систематска студија на основниот метаболизам. Во неговото истражување тој бил прв кој употребил инструменти за прецизно дијагостицирање и прв применил експериментални квантитативни истражувачки техники во неговата практика.
Неговата адаптација на нишалото за медицински цели, како помошно средство за мерење на пулсот, се претпоставува дека била инспирирана од долгите разговори со Галилео Галилеј за неговите експеримерименти со нишало во 1602 година.
Неговиот најпознат придонес во медицината е вагата која ја употребувал за да ги проучува метаболитичките промени кај неговите експериментални субјекти, меѓу кои бил и Галилео. Тој објавил и опис за нов тип на термометар кој можеби бил инспирација за термоскопот на Галилео Галилеј.
Починал на 22 февруари 1636 година. (Н.С.)
29.1.1926 – Роден е Абдус Салам
Абдус Салам (Abdus Salam) е пакистански физичар. Работел во Италија, каде што независно од Стивен Вајнберг формулирал обединувачка теорија за две од 4-те природни елементарни сили, слабата нуклеарна и електромагнетската сила. Добитник е на Нобелова награда. (П.Л.)
29.1.1886 – Поднесен е првиот патент за автомобил со практична изведба
Германскиот машински инженер Карл Бенц (Karl Friedrich Benz), ја патентирал првата практична изведба на автомобилот погонуван со мотор со внатрешно согорување. Иако првобитниот модел на автомобил од Бенц бил претставен во првата половина од 1885 година, возилото со три тркала познато како “Моторваген” не било патентирано сè до 29 јануари следната година. Компанијата Benz & Co. била основана во Манхајм во 1883 година со примарна дејност конструирање на стационарни мотори со внатрешно согорување.Компанијата го произвела нејзиниот прв автомобил со четири тркала во 1893 година, а првата серија тркачки автомобили во 1899 година.
Во 1926 година компанијата Бенц ќе се спои со компанијата Дајмлер (Daimler-Motoren-Gesellschaft), формирајќи го денес познатиот гигант Дајмлер-Бенц (Daimler AG), производителот на автомобилите од марката Мерцедес-Бенц. (Н.С.)
29.3.1977 – Истражување го поврза зголемениот ризик од срцев удар кај жените пушачи со користењето контрацептиви
Трудот во којшто се вели дека жените пушачи постари од 30 години кои користат орални контрацептиви имаат зголемен ризик од смрт беше јавно претставен во 1977 година. Комбинацијата од пушење цигари и користење на контрацептивни апчиња ќе биде посочена како поопасна за оваа возрасна група птколку користењето на други контрацептивни средства. Кај непушачите, на пример, се покажало дека користењето на орален контрацептив не носи зголемен ризик.
Истражувањето било објавено во Studies in Family Planning, а во него биле анализирани преку 400 смртни случаи пријавени во веќепостоечки претходни британски и американски истражување. Кумулативно, тие укажувале на тоа дека жените пушачи кои користат орален контрацептив а се на возраст над 40 години имале зголемен ризик од срцев и мозочен удар. Ризиците и претходно биле познати но ова истражување ќе додаде конкретни бројки и проценти кон сомнежите.
По ова истражување американската Агенција за храна и лекови дека не се препорачува користењето на орални контрацептиви за жени над 40 години. (Н.С.)
29.3.1974 – Откриена е глинената армија на императорот Кин Ши Хуангди
Глинената војска била откриена во месноста Линтонг, Гзиан, Шанкси во Кина од локалните земјоделци кои копале бунар. Најнапред тие откриле повеќе парчиња од керамички садови, а потоа била откриена и глинена глава. Ова поттикнало пошироки археолошки истражувања во областа, по што биле откриени 8000 глинени фигури на воини и коњи во природна големина. Фигурите се дел од некрополата на првиот кинески цар, а требале да му послужат во задгробниот живот. Секој од војниците има различни, само нему својствени црти и изрази на лицето, а фигурите биле разместени зависно од чинот на воинот.
Иако денес бојата е речиси незабележлива, во времето кога била направена армијата била особено колоритна, облечена во живи бои. Понатамошните ископувања откриле мечеви, врвови од стрели како и други орудија кои во најголем дел биле во беспрекорна состојба.
Кинеските археолози ќе го објават откритието некоја година подоцна, на 11 јули 1977 година. (Н.С.)