Рубрика: Медицина
Научниците санирале повреди на 'рбетот со матични клетки од пациентите
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 25.02.2021 - 12:00

Инјектирањето на матични клетки добиени од сопствената коскена срцевина на пациентот значително ја подобрило моторната функција во рок од неколку недели кај лицата со повреди на 'рбетниот мозок.

Минатата недела истражувачите од Универзитетот Јејл, САД и од Јапонија објавија научен труд во којшто јавуваат дека интравенската инјекција на матични клетки добиени од коскената срцевина на пациентите со повреди на 'рбетниот мозок довела до значително подобрување на нивните моторните функции. Трудот е објавен во изданието на Journal of Clinical Neurology and Neurosurgery.

Како што јавуваат истражувачите, кaj повеќе од половина од пациентите во рок од неколку недели биле забележани значителни подобрувања во клучните функции, како што се способноста за одење или користењето на рацете. Притоа не биле забележани значителни несакани ефекти.

Пациентите имале трајна непенетрирачка повреда на 'рбетниот мозок, која најчесто настанала по пад или по помала траума, неколку недели пред имплантацијата на матичните клетки. Нивните симптоми вклучувале губење на моторната функција и координација, губење на чувството за допир, како и нарушување на работата на цревата и мочниот меур. Матичните клетки биле добиени од коскената срцевина на самите пациенти, со примена на т.н. протокол за култура, со кој биле потребни неколку недели во специјализиран центар за обработка на клетки за добивање на материјалот. Клетките биле инјектирани интравенозно во оваа серија, при што секој пациент служел како своја контрола. Резултатите не беа на слепо и немало плацебо контроли.

Научниците од Јејл, Џефри Д. Кочис, професор по неврологија и невронаука, и Стивен Г. Ваксман, професор по неврологија, невронаука и фармакологија, се назначени како водечки автори на студијата која била спроведена во соработка со истражувачи од Медицинскиот универзитет во Сапоро, Јапонија. Клучните истражувачи од тимот во Сапоро, Осаму Хонму и Масанори Сасаки, исто така имаат професорски позиции на катедрата за неврологија на Јејл.

Кочис и Ваксман истакнуваат дека сепак ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите на ова прелиминарно, неслепо клиничко истражување, за што како што дополнуваат веројатно ќе бидат потребни години. Но, и покрај предизвиците, тие остануваат оптимисти.

Добиените слични резултати со употреба на матични клетки кај пациентите со мозочен удар ја зголемуваат нашата доверба дека овој пристап може да биде клинички корисен“, забележа Кочис. “Ова клиничко истражување е кулминација на обемната предклиничка лабораториска работа со употреба на матични клетки од коскена срцевина, и долгогодишната соработка помеѓу колегите од Јејл и од Сапоро

Идејата дека можеби сме во можност да ја повратиме функцијата на мозокот и 'рбетниот мозок по повреда со употреба на сопствените матични клетки на пациентот, го побудува нашиот интерес со години“, рече Ваксман. “Сега, имаме навестување дека ова е можно и кај луѓето“.

 

Извор: Јејл

Клучни зборови: