Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фантастичниот пат на Персеверанс од орбитата до тлото на Марс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.02.2021 - 15:45

Фотографија од роверот на пат кон површината на Марс

Тимот на мисијата Персеверанс на НАСА објави неверојатна серија слики којашто им овозможува на сите да го доживеат слетувањето на роверот од нова перспектива. Од илјадниците фотографии направени од шесте мали фотоапарати склопено е видео во траење од 3 минути и 25 секунди коешто го прикажува минатонеделното слетување на роверот од првото отворање на падобранот до моментот кога тој го допре тлото.

Три од камерите беа поставени на горниот дел од заштитната шасија за роверот, вперени кон падобранот, друга беше поставена на долниот дел од модулот за спуштање, вперена кон роверот, а уште две камери беа од роверот, едната вперена угоре, другата удолу. Комбинацијата од сиве овие камери овозможи создавање на драматичен филм за спуштањето на Персеверанс, филм којшто јасно ја доловува секоја емоција од настанот, филм кој одново и одново би го гледале иако го знаете крајот.

Првата фотографија во боја со висока резолуција направена од камерите на роверот Персеверанс (извор: NASA/JPL-Caltech)

Идејата за вакво обемно следење на целиот процес на спуштање дошла од Мат Волас, заменик-менаџер на проектот Персеверанс. Идејата била поттикната од неговата ќерка гимнастичарка која во една прилика го замолила да и купи спортска камера за да може да ги филмува сите фази на правењето салто од нејзина перспектива. Проектот Персеверанс тогаш сè уште бил во почетна фаза на развој.

Кога 11-годишната ќерка му прикажала снимка од нејзиниот настап направена со камера поставена на неа, на Волас веднаш се инспирирал и добил идеја да го опремат целиот систем за спуштање со дополнителни камери.

Сите камери додадени на роверот за оваа намена се најобични од комерцијален тип, а единствени преправки биле додавањето на лепак со цел виталните компоненти да го издржат тресењето, како и замената на неколку од материјалите кои што не би ги издржале условите на вакуумот на вселената.

Модулот за спуштање на роверот и падобранот над него фатени од камерата на орбитерот МРО (извор: NASA/JPL-Caltech/University of Arizona)

Освен единствената можност за добивање снимки од кои застанува здивот, камерите имале и практична намена. Имено, со помош на снимките инженерите можеа да го анализираат во детали процесот на спуштање, со цел да го подобрат следниот пат. Во таа насока половина од камерите беа насочени кон најкритичниот дел од слетувањето – падобранот. Ова се покажало како добра одлука, бидејќи една од трите не успеала да го издржи потресот при отворањето на падобранот.

Секој чекор е снимен од два различни агли од преостанатите камери, кои снимале со брзина од 75 слики во секунда.

На другите слики беше забележано отфрлањето на топлинскиот штит, што им овозможи на научниците да ја набљудуваат неговата аеродинамика додека тој паѓа и да забележат дека една од пружините, којашто помогнала за тој да се отфрли подалеку од вселенското летало, по сè изгледа попуштила во процесот на спуштањето. Инцидентот не бил опасен, но бил сосема неочекуван и немаше да се знае за него ако не беше фатен од камерите. На остатокот од снимките се гледа конечното слетување и прашината која се крева од ракетните мотори чијшто издув во ретката атмосфера на Марс е речиси невидлив.

Роверот е веќе неколку дена на површината од Марс. Во овој краток период беа објавени првите снимки со ниска резолуција, за потоа да биде добиена и првата слика во висока резолуција и првата колор фотографија од кратерот Језеро каде се наоѓа Персеверанс. Една од последните снимки е панорамска слика на околината.

На сликите се забележуваат необични, порозни карпи чиешто потекло може да се должи на повеќе фактори. Но, неверојатно возбудливо би било доколку потекнува од меурчиња кои останале по излегување на вулкански гасови. Ова би значело дека карпите имаат вулканско потекло, што ги прави главни кандидати за примероци кои треба да се донесат на Земјата.

Панорамска фотографија на месноста околу роверот добиена со спојување на шест посебни фотографии испратени на 20 февруари (извор: NASA/JPL-Caltech)

Во моментов датирањето на староста на слоевите од почвата на Марс е непрецизно и донекаде релативно, и се засновано на вертикалниот распоред на слоевите. Можноста прецизно да се одреди староста на макар еден слој би било од огромна корист за разбирање на историјата и на еволуцијата на планетата.

Во меѓувреме, роверот се подготвува да ја започне неговата бескрајна прошетка. Досега до него се упатени над 5000 команди кои биле извршени беспрекорно.

Роверот слета во кратерот Језеро на 18 февруари нешто пред 22 часот по македонско време. Како куриозитет не е на одмет да се знае дека кратерот е именуван според малото гратче Језеро во Босна и Херцеговина, а има и скриено значење затоа што се претпоставува дека оваа област многу одамна била на дното од езеро. До кратерот води и разгранета делта од, како што се претпоставува, некогашното устие на река. Сосема соодветно ‘реката’, односно релјефната конфигурација што наликува на некогашен речен ток  го носи името на една од најпознатите реки во Босна – Неретва Валис.

Топографија на теренот каде се спушти роверот и геолошките карактеристики на тлото (извор: Википедија/JPL/NASA)

 

Клучни зборови:
Фотографија од роверот на пат кон површината на Марс

Фотографија од роверот придршуван од сајлите на падобранот на пат кон површината на Марс (извор: NASA/JPL-Caltech)

Модулот за спуштање на роверот и падобранот над него фатени од камерата на орбитерот МРО

Модулот за спуштање на роверот и падобранот над него фатени од камерата на орбитерот МРО (извор: NASA/JPL-Caltech/University of Arizona)

Првата фотографија во боја со висока резолуција направена од камерите на роверот Персеверанс

Првата фотографија во боја со висока резолуција направена од камерите на роверот Персеверанс (извор: NASA/JPL-Caltech)

Панорамска фотографија на месноста околу роверот добиена со спојување на шест посебни фотографии испратени на 20 февруари

Панорамска фотографија на месноста околу роверот добиена со спојување на шест посебни фотографии испратени на 20 февруари (извор: NASA/JPL-Caltech)

Едно од шестте тркала на роверот

Едно од шестте тркала на роверот (извор: NASA/JPL-Caltech)

Топографија на теренот каде се спушти роверот и геолошките карактеристики на тлото

Топографија на теренот каде се спушти роверот и геолошките карактеристики на тлото (извор: Википедија/JPL/NASA)