Рубрика: Телекомуникации
Уште една интересна апликација за слушање радио – Radio Garden
Автор: Димац Митковски
Објавено на 25.01.2021 - 11:15

И кога мислите дека знаете сè од понудата на интернет, секогаш се појавува нешто ново што пријатно ќе ве изненади. Така беше и овој пат со пронаоѓањето на апликацијата за слушање радио, наречена Радио градина (Radio Garden). Името е симболично. Како што во зеленчуковата градина може да се пронајдат најразлични зеленчуци, така и овде на адресата  https://radio.garden можете да пронајдете најразлични радиостаници.

Radio Garden ве поканува да се вклучите во илјадници радиостаници во живо низ целиот свет. Со приближување на далечните гласови, радиото ги поврзува луѓето и местата. Од самиот почеток, радиосигналите ги преминаа границите. Производителите и слушателите на радио замислуваа и поврзување со далечни култури, како и поврзување на луѓе од ‘дома’, на оддалеченост од илјадници километри.

„Градината“ Radio Garden е со седиште во Амстердам, Холандија. Почетокот на  Radio Garden бил во 2016 година, како изложбен проект нарачан од холандскиот Институт за звук и слика (Netherlands Institute for Sound and Vision) во контекст на истражувачкиот проект Меѓународни радио средби. Бил креиран, дизајниран и развиен од студиото Puckey & Moniker. Откако се погрижил за проектот во следните години, Џонатан Паки (Jonathan Puckey) го претворил Radio Garden во мала независна компанија во 2019 година. Во 2018 година започнале со мобилни апликации за платформите iOS и Android. Во 2019 година била воведена можност корисниците да ги пребаруваат своите омилени станици и места. На почетокот на 2020 година, започнат е голем редизајн на Radio Garden. Повторно изграден како прво мобилно искуство, ја поставува основата за понатамошен развој.

По отворањето на веб-страницата, пред вас се појавува глобус, сличен на Google Earth, на кој има многу зелени точки. Со зумирањето може попрецизно да видите каде се наоѓате и да го изберете градот од кој сакате да слушате некоја радиостаница, со притискање на соодветната зелена точка. На долниот лев агол од екранот постојат две правоаголни полиња што нудат по неколку можности. Во долното поле може да ги избирате радиостаниците и да го прочитате нивното име, да го вклучувате или исклучувате сигналот, да изберете споделување или посета на веб-страницата на радиостаницата, да изберете срценце како омилена програма. Во погорното поле стои името на градот, државата и бројот на радиостаниците што се застапени. Може да се добие и листата со имињата на тие радиостаници. На пример, од Скопје се вклучени 20 радиостаници, Тетово – 1, Куманово – 3, Штип – 1, Неготино – 1, Гевгелија – 1, Битола – 1, Охрид – 2, Струга – 1. Постои икона за листа со омилените (favorites), икона за пребарување (search) и поставки (settings): историјат на Radio Garden, контакт, пријава на радиостаница, политика на приватност.

Најдобро е самите да се уверите во можностите. Затоа прифатете ја поканата на Radio Garden!

Клучни зборови:
Прв избор на мобилната апликација се локалните радиостаници

Прв избор на мобилната апликација се локалните радиостаници

Но ова не значи дека не можете да шетате

Но ова не значи дека не можете да 'шетате'

Во изборот за Москва се нудат дури 119 радиостаници

Во изборот за Москва се нудат дури 119 радиостаници

Градината може да ве 'однесе' и до места за кои првпат слушате

Градината може да ве 'однесе' и до места за кои првпат слушате

Jonathan Puckey

Jonathan Puckey