Криптовалутата има неверојатен старт во Новата 2021 година. За неполни две недели нејзината вредност неколкукратно се зголеми. Вестите се повеќе од добри за сите што во некој момент инвестирале во биткоинот, независно дали тоа го правеле со 'копање' или со купување на оваа криптовалута.
За една недела биткоинот ја надмина цената на четириесетина илјади американски долари. Ова се случи во текот на минатата недела, на 8 јануари, откако пред шест дена претходно неговата цена ја достигна вредноста од 30 илјади американски долари за еден биткоин.
Порастот од над 33% за шест дена следува по сличен неверојатен скок на цената од 50% којшто се случи 15 дена претходно кога вредноста на 1 биткоин ‘скокна’ од 20 на 30 илјади американски долари. Во моментов, биткоинот вреди речиси 2 милиони денари. За “ситничавите” неговата вредност денес, 13 јануари 2021 во 12 часот изнесува точно 1 746 891,74 македонски денари.
Вкупната вредност на сите досега ископани биткоини изнесува преку 760 милијарди долари, односно е идентична пазарна вредност на компанијата Тесла, којашто се смета за највредениот производител на автомобили.
Порастот на цената на акциите на Тесла го направи Елон Маск најбогатиот поединец на светот, но растот на вредноста на биткоинот сигурно ќе усреќи милиони ширум светот кои во минатите години вложувале во криптовалутите.