На 16-ти декември, околку 15 часот по наше време, најсилната светска криптовалута за првпат во својата историја ја надмина вредноста од 20 000 долари. Последен пат во близина на оваа вредносна граница, а на помалите берзи и над неа, со биткоинот се тргуваше во декември 2017 година.
Овогодинешниот подем не е толку брз како тогашниот, имено пред околку две недели на Coinbase и на другите поголеми берзи за криптовалути беа надминати службените рекорди забележани во 2017 година, за сега на нив за првпат биткоин да биде продаден и купен по цена поголема од 20 000 долари.
Вложувачите овој пат се надеваат дека нема да дојде до ненадеен пад, како што тоа се случи на почетокот од 2018 година. Како што тврдат крипто-оптимистите биткоинот во изминативе три години добил силна институционална поддршка, а сè поголем е и бројот на големи компании што сериозно го земаат предвид. Според нив овој раст на вредноста е само потврда дека во некој поблиска иднина биткоинот ќе стане неизбежен дел од портофлиото на сите сериозни инвеститори, еден вид “дигитално злато“, кое ќе овозможи долгорочно и безбедно чување на стекнатото.
Споредено со почетокот на оваа година, и со месец март кога беше прогласена состојбата на пандемија, вредноста на биткоинот вртоглаво пораснала. Најниската цена по којашто среќлиите оваа година можеа да купуваат биткоини, беше забележана во средената на месец март, а се движеше околу 5 до 6 илјади американски долари, за да сега таа да изнесува четирикратно повеќе.