Рубрика: Аудио и видеотехника
28 издание на ФАДФ КАМЕРА 300 во Битола
Автор: Перица Поповски
Објавено на 03.11.2020 - 13:15

Постер  за фестивалот Камера 300

Изминатиот викенд, поточно на 30 октомври, званично беа објавени резултатите од гласањето на жири комисијата за филмовите што беа во конкуренција на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм, по што на најдобрите им беа доделени признанија и плакети. Социјалните мрежи се преполни со видео материјали од филмовите наградени на Камера 300, а впечатоците од прикажаните и наградени филмови, сè уште не стивнуваат.

Форматот во којшто се одржа 28-то издание на Меѓународниот фестивал на аматерски документарен филм Камера 300 годинава беше изменет поради актуелната состојба со ковид-19. Со цел и покрај ограничувањата сепак да се допре до што поголема публика, проекциите на филмовите беа направени со посредство на телевизијата. Имено, битолската ТВ Тера на својата програма ги емитуваше филмовите, а потоа и доделувањето на наградите кое се одржа на отворен простор пред Центарот за култура, односно пред споменикот на Милтон Манаки. Па така и јас како дописник на ЕМИТЕР но и како повеќекратен поранешен учесник на овој фестивал, за првпат настаните ги следев со посредство на малите екрани/
Како што во при најавата за настанот информираше господинот Стефан Хаџи Антовски, претседателот на кино видеоклубот “Милтон Манаки”, моделот за организација беше преземен од другите фестивали од овој вид организирани во светот.

Приемот на филмовите заврши заклучно со 10 октомври година, по што од 14 до 18 интернационалната жири-комисија, во состав Љупчо Петровски од Шведска (мајстор на аматерскиот документарен филм ); дипл. режисер доцент д-р Антонов Шумен од Бугарија; и од Македонија Благојче Божиновски од Битола, Јосип Стојан Стојановски од Битола и д-р Мишо Нетков од Скопје.

Согласно програмата Свеченото отворање на фестивалот се закажа и одржа на ден 30.10. 2020 во 19 часот на отворен простор пред Центарот за Култура Битола, по што се пристапи кон проекција на наградените филмови. Уводен збор даде Стефан Хаџи Антовски, кој ги истакна проблемите околу организацијата на Фестивалот во услови на ковид-19. Меѓу другото истакна дека оваа година добиле 46 филма од 9 земји. Квалитетот бил извонредно добар, па жири комисијата немала лесна задача да одреди кој ќе биде победник. Исто така потенцираше дека од ден на ден се подобрува технологијата на снимање и обработка на документарните филмови, што укажува на тоа дека потребно е особено внимание во изготвување на филмови за интернационалниот фестивал Камера 300.

Гран При наградата “Плакета Милтон Манаки” за најдобар филм на фестивалот му припадна на филмот “Сеќавање” на авторите Диме Талевски и Стефан Хаџи Антоновски од Македонија. “Златна камера 300” доби филмот “Ковач” на авторот Божидар Кунтељ од Словенија, “Сребрена камера 300” доби филмот “Бакар и секирџија” на авторот Љупчо Ристевски од Македонија, додека со “Бронзена камера 300” беше награден филмот “Денот на дамите во клубот“ од авторот Џејмс Калмерс од Велика Британија. Златен медал на УНИКА, за потикнување и истражување, му беше доделен на филмот “Црвени стени“ од авторот Петар Ставрев од Македонија, Плакета на Општина Битола за најдобра камера му припадна на авторот Франц Моге од Словенија за филмот “Дупка од дупка вода не држи”, Плакета за режија “Драги Савевски” доби филмот “Бесарабиски скален манастир”на авторите Владимир Илиев, Иван Василев и Милчо Јовев од Бугарија, Плакета за идеја “Стево Сидовски” беше врачена на авторот Матеј Костовски Македонија за филмот “Првиот македонски аниматор”, Плакета за репортажа доби авторот Пантелејмон Трпчевски од Македонија за филмовите “Искачи се на Пелистер” и “Големо езеро”.

Специјални награди им беа врачени на авторите Сара Стојановска и Филип Илиевски од Македонија за негување на историски моменти во филмот “Петре – љубов, бол и непробол”, на авторот Зоран Пиловски од Македонија за филмот “Тишина” за трајни вредности, a на авторите од Русија за филмот “Црната птица со бело” им беше врачена Плакета на народна техника на Македонија, додека авторот Димитар Атанасов од Бугарија за неговиот филмот “Парамајстор” доби Плакета за иновации во филмот.

Како и вообичаено фестивалот беше помогнат од Агенцијата за филм на Македонија и од Општина Битола.

Во минатите години се организираа тркалезни маси и дискусии за пристигнатите филмови и насоките, што оваа година од оправдани причини не беше случај. По малку сум скептичен за одредени одлуки во врска со доделените награди, поради тоа што еден од организаторите е и добитник на награда, но треба да се проучи правилникот за да се изведе поцелосен заклучок. Но се надевам дека во иднина ќе се обрати поголемо внимание до навремената презентација на информациите и на резултатите од жирирањето и нивната достапност за пошироката јавност.

Организацијата помина најдобро, но со доста измени и дополнувања за да се запазат мерките за заштита од ковид-19. Се надевам дека следната година ќе се јават повеќе автори, со уште подобри филмови од земјата и странство.

Сите филмови од оваа година може да ги погледнете на официјалниот сајт на ФАДФ Камера 300 тука.

Клучни зборови:
Постер  за фестивалот Камера 300

Постер  за фестивалот Камера 300 (фото: ТВ Тера)

Г-динот Стефан Хаџиантоновски во изјава за емисијата Ритамот на градот на ТВ Тера ги најавува настаните од фестивалот

Г-динот Стефан Хаџиантоновски во изјава за емисијата Ритамот на градот на ТВ Тера ги најавува настаните од фестивалот

Преглед на пристигнатите филмови од страна на жири комисијата

Преглед на пристигнатите филмови од страна на жири комисијата

Дел од членовите на жири комисијата учествуваа во оценувањето со посредство на интернетот

Дел од членовите на жири комисијата учествуваа во оценувањето со посредство на интернетот

Архивска фотографија од наградите и признанијата на фестивалот

Архивска фотографија од наградите и признанијата на фестивалот

Авторот на текстот како учесник на настаните на едно од претходните изданија на фестивалот

Авторот на текстот како учесник на настаните на едно од претходните изданија на фестивалот