Сосема случајно наидов на една многу интересна и корисна апликација именувана како “Музичка временска машина'' (The Musical Time Machine). RADIOOOOO е прекрасната музичка временска машина која ви овозможува да патувате низ просторот и времето.
Пред Вас најнапред се отвора картата на светот со можност за избор на земја. Потоа имате на располагање 13 копчиња за избор на годината што одговара на соодветна деценија. Во моментот тоа се 1900-1910-1920-1930-1940-1950-1960-1970-1980-1990-2000-2010-сега. Потоа имате опции за избор на видот на музиката: бавна(slow) или брза (fast ). И секако копчиња за старт и стоп и регулатор за нивото на сигналот. Исто така при емитувањето на песната има текстуални информации за насловот на песната, изведувачот, албумот, името на земјата, авторот, издавачот.
Проектот бил осмислен од Бенџамин Моро (Benjamin Moreau), а го реализирал заедно со своите пријатели Ди-џеи и вљубениците во музиката. Radiooooo.com стартувал како т.н. Indigogo проект, платформа за финансирање проекти каде почетниците, уметниците, малите бизнисмени и заедниците можат да презентираат креативни проекти со цел да добијат донации за да можат да започнат. Доста често, проектите даваат нешто за возврат, како ЦД или филм. Откако ќе се постигне потребната сума на пари, корисниците помагаат да се реализира проектот. Слушателите може и сами да внесуваат песни и да го зголемуваат музичкиот фонд.
Интересно е да се патува во времето и да се слушне музика од поодамнешни времиња, речиси од времето непосредно по измислувањето на грамофонот и техниката на снимање на звукот и како таа звучи денеска. Откако ќе одберат одредена декада, слушателите можат да слушаат секаков вид музика од целиот свет, како Боса Нова од Бразил во 60-тите години, руска поп музика или современа музика од Канада. Radiooooo.com е вистинско богатство за сите љубители на музиката кои сакаат да патуваат во други епохи.
Корисно е од следниве причини. Често сум бил во ситуација да гледам како, дури и во професионални радио центри, имате потреба за некоја илустрација со музика од некоја земја која ја немате во фонотеката или вашиот компјутер. Или доаѓа гостин на програмата од некаде и сакате тоа да го проследите со соодветна музика. Додека најдете нешто соодветно, гостинот заминал. Ова е брз и ефикасен начин да го решите проблемот.
Каде е Република Македонија во ова? На светската карта стои сè уште некогашната СФРЈугославија до 1990, а потоа во 2000 веќе се појавува самостојна Република Македонија. Сепак, пријатно бев изненаден кога во декадата 1950 (1956) го слушнав првиот македонски и југословенски хит во тие години “Кажи зошто ме остави'' во интерпретација на Никола Автовски – Боби, се разбира, испеана на македонски јазик.
Слично е и со некои држави настанати со распадот на поранешниот СССР. Со нивниот обид за избор не добивате ништо. Истото се случува и ако од некој временски период нема музика. Го добивате следново “Оваа област / декада е празна, бидете први што ќе објавите богатство и освоjте посебна награда.” Може да биде прав момент да се вклучиме и сите ние да дадеме свој придонес.
Потребно е да се напише на radiooooo.com, во адресната линија на вашиот интернет-браузер
Изберете земја, одберете една деценија и оставете да се занесувате со најубавата музичка колекција во светот!
Уживајте и пријатно патување. Bon Voyage!
P.S. Радиоооо е достапна и како мобилна апликација во Google PlayStore тука