За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме и си спомнуваме за првата американска вселенска прошетка, падот на првиот надзвучен авион, претставувањето на првиот глобус, првиот лет на балон исполнет со топол воздух, како и роденденот на Сократ.
3.6.1965 – Астронаутот Ед Вајт стана првиот американец кој прошета во вселената
Ед Вајт е избран да стане дел од втората група астронаути на НАСА во 1962 година. Честопати бил нарекуван физички најподготвен астронаут. Вајт заедно со Џејмс Мекдивит беше дел од четиридневната орбитална мисија на леталото Џемини 4, лансирано на 3 јуни 1965 година. При третата орбита Вајт излезе од вселенското летало, лебдеше во вселената околу 20 минути, и притоа стана првиот човек што се движел во вселената со помош на опрема за маневрирање. Вајт беше и еден од тројцата членови на екипажот на Аполо1, кои во 1967 година погинаа за време на симулацијата на летот (другите беа Вирџил Грисом и Роџер Чафи). Оваа несреќа беше прва во историјата на американската вселенска во којашто имаше човечки жртви. (Н. С.)
3.6.1973 – Се урна првиот надзвучен патнички авион
Советскиот воздухоплов од типот Туполев Ту-144, познат и како Конкордски, се распадна во воздух за време на демо-летот на Саемот за воздухопловство во Париз во 1973 година. Во несреќата починале 14 лица. (Н. С.)
3.6.1492 – Мартин Бехајм го претстави првиот современ глобус
Глобусот претставува сферен картографски приказ на одредена површина. Притоа смалениот приказот може да ја претставува Земјата, небесната сфера или, пак, некоја планета. Глобусот може да биде географски и астрономски, а во наставата по географија претставува едно од основните нагледни средства.
Првите глобуси се појавуваат уште во стариот век, веднаш по сознанието дека Земјата има топчест облик. За творец на првиот глобус се смета Каратес од островот Малос, кој во 2 век п.н.е. изработил сферен модел на планетата, а Птоломеј, во неговото дело “Географија” дал упатства за изработка на глобис. Во арапсиот свет во 13 век биле изработени повеќе модели на Земјата, од кои до денес преживеале само два.
Во 1492 година, Мартин Бехајм со помош на сликарот Георг Глокендон го конструира првиот глобус во средниот век, непосредно пред откритието на Новиот свет. Овој смален приказ на Земјата тој го нарекува Ердафел (Erdapfel). Пред да го конструира глобусот Бехајм многу патувал. Во 1480 година тој престојувал во Лисабон каде воспоставил деловни контакти и се дружел со истражувачи и научници. Од 1485 до 1486 година заедно со португалскиот морепловец и истражувач Диого Као го пропатувал брегот на Западна Африка. Конструирањето на глобусот го започнал по враќањето во Нирнберг, Германија, во 1490 година. (Н. С.)
4.6.1783 – Браќата Монголфие ја организираат првата јавна демонстрација на лет на балон
Французите Жозеф-Мишел и Жак Етјен Монголфие (Joseph-Michel and Jacques-Étienne Montgolfier), попознати како браќата Монголфие, се пионери во развојот на балонарството, поточно на летот со балон исполнет со топол воздух. Тие први извеле слободни летови со балон.
Летот на балонот исполнет со топол воздух траел сè на сè 10 минути, но засекогаш го зацртал местото на браќата Монголфие во историјата и развојот на воздухопловството. Секако, со текот на годините следеле измени и подобрувања на основниот дизајн на браќата Монголфие, што овозможило градба на поголеми балони, што повеќе години подоцна отвори пат кон можноста за истражување на горните слоеви од атмосферата. (Н. С.)
4.6.470 п.н.е. – Роден е Сократ
Атинскиот философ Сократ е еден од најзначајните мислители на стариот век и воопшто на Западната филозофска традиција. Бил учител на Платон, преку чиишто дела неговата мисла останала достапна и за идните генерации. Имено, Сократ не пишувал сметајќи дека книгата не отвора можност за директен дијалог. Во делата на Платон Сократ се јавува како еден од соговорниците. Но за Сократ знаеме и од делата на други мислители и писатели, негови современици. Аристотел го спомнува во некои од неговите дела, Ксенофонт ќе му ја посвети “Одбраната на Сократ”, а Аристофан ќе го вклучи неговиот лик во својата комедија “Облаци”.
Сократ се бавел со истражување на моралот, поточно разликувањето на добро и зло, а во своите истражувања се служел со методите на дијалектиката, односно со испрашување на соговорникот со помош на две методи – иронија и мајеутика. Познат е по неговата мисла “Знам дека ништо не знам”. Бил обвинет дека ја расипува младата популација и осуден на смрт со пиење на отров. (Н. С.)