Пред неколку години, на еден пазар за стари работи, ми падна в очи еден стар и (веројатно), од својот претходен сопственик, напуштен преносен снимач на касети од производителот Siemens, којшто, по игра на судбината, се нашол на ова привремено прифатилиште, заедно со многу други како него. Како што тоа вообичаено се случува, без многу размислување, по кратко ценкање и преговарање со продавачот, одлучив да го вдомам и со тоа да преземам целосна грижа за него. Во тој момент особено се израдував што, ете, можеби успеав да спасам уште еден уред од она што неретко се случува со нив, а тоа е да завршат на отпад за електронски уреди. За одговорноста од таквиот потег бев целосно свесен и, трпеливо и малку по малку, се погрижив да го исполнам сето она што вообичаено следува.
По првичното кратко тестирање, се покажа дека со малку труд, од снимачот повторно може да се чуе глас, и тоа да биде подеднакво добро и силно, како и на времето кога бил многу повеќе ценет и употребуван. Ревитализацијата опфати неколку рутински и една посериозна операција, но, заради објективни причини, тие не беа изведени по оптимален редослед. Накусо, за целосно враќање во функција, беше потребна замена на погонскиот ремен, чистење на контактите на повеќето од прекинувачите, проверка и замена на електролитските кондензатори, нагодување на брзината на репродукција (по слух) и чистење и нагодување на главата.
Деталите од тестирањето и поправката може да ги проследите во ова видео:
Иако некои постапки не се целосно прикажани или не се според вообичаените стандарди за професионално сервисирање, сметам дека проследувањето на дијагностиката и поправката секако ќе ви користи, ако треба да сервисирате други слични електронски уреди.