М106 е една од наголемите и најсјајни галаксии во нашето соседство, слична по големина и сјај на Галаксијата Андромеда. Спиралната галаксија, позната и како NGC 4258, е галаксија со средна големина сместена во соsвездието Ловечки Пци, на оддалеченост од 24 милиони светлински години од нас.
Откриена е во 1781 година од Пјер Мешен, асистентот на Шарл Месје. M106 содржи активно јадро класифицирано како Тип 2 Сејферт, а присуството на централна супермасивна црна дупка е докажано со набљудувањата направени со радиотелескопи. Во мај 2014 година во М106 е забележана супернова од типот II.
Повеќето спирални галаксии имаат само еден пар краци, но М106 има екстра пар. За разлика од другите краци, овие два дополнителни крака се состојат од вжешен гас наместо ѕвезди. Според астрономите овие два сенишни крака се последица на насилните интеракции на материјата под влијание на супермасивната црна дупка сместена во галактичкиот центар на М106.
Поради нејзината привидна магнитуда од 9.1 галаксијата е лесно забележлива на ноќното небо со помал телескоп, иако за набљудување на повеќе детали на астрономот аматер ќе му биде потребен нешто поголем телескоп. Најдобро време за набљудување на оваа галаксија е во месец мај.
Фотографијата во прилог е направена на 25 април од селото Петралица, при што е употребен телескоп Celestron Edge HD и камера Asi 071. Астрофотографијата е резултат на 33 експозиции во траење од 5 минути, а е дело на нашиот соработник Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво.