Астрофизичарите ги утврдиле структурата и густината на материјата во универзумот со анализа на т.н. “микробранова заднинска радијација”, којашто беше емитувана кусо време по Биг-бенгот, околу 100 илјади години по него, а која на Земјата стасала дури во денешно време и е фотографски евидентирана преку орбиталните сателити COBE (Cosmic Background Explorer Sattelite) и WMAP (Wilkinson Microwave Anisotropy Probe). Тоа евидентирање овозможи оваа радијација да биде студирана и анализирана, па така од студијата направена од Планковиот истражувачки конзорциум (Planck Research Consortium) произлезе официјалниот Стандарден космички модел за структурата и густината на материјата во универзумот.
Слика 1: Микробрановата заднинска радијација снимена од орбитерите COBE и WMAP
Меѓутоа, во најново време, за истата проблематика произлезе и друго, поинакво сознание, коешто не се совпаѓа со наведениот Стандарден космички модел. Несовпаѓањето го констатира една група астрофизичари во состав на новоформираниот истражувачки конзорциум т.н. Kilo-Degree Survey (KiDS), раководена од астрофизичарот професор Хендрик Хилдербранд (Hendrik Hildebrandt), и наодот таа го објавила во месец јануари оваа година, во научното списание Astronomy and Astrophysics. До тој наод групата дошла со примена на нов, поинаков истражувачки метод, којшто ја зема предвид дефлексијата (искривувањето) на светлинските зраци кога тие поминуваат блиску до некое масивно космичко тело; имено тоа тело дејствува како “гравитациска леќа” и ја искривува праволиниската патека на светлинскиот зрак, па гледано од Земјата, светлинскиот извор привидно се гледа на погрешна локација (види ја слика 2).
Слика 2: Дејството на “гравитациската леќа” дава погрешна локација на светлинскиот извор
Истражувачката група го користела телескопот VLT (Very Large Telescope) во опсерваторијата лоцирана во пустината Атакама во Чиле, и притоа евидентирала и анализирала околу 1 500 галактички светлински извори на јужното ноќно небо. Но, за да го примени наведениот нов метод, групата морала да ги знае растојанијата од Земјата до поединечните светлински извори, и до поединечните дефлектирачки објекти (гравитациските леќи). Тие параметри групата ги пресметала според ефектот т.н. “црвено поместување” (redschift) во спектарот на светлинските зраци, коешто е последица од перманентната експанзија (ширење) на космосот, така што космичките објекти перманентно се оддалечуваат помеѓу себе, па гледајќи од Земјата, светлинскиот спектар на зраците емитувани од далечни светлински извори се поместува кон пониското, т.е. црвеното браново подрачје. Со цел поточно да ги пресмета бараните параметри, групата ги детектирала наведените спектрални поместувања на 4 различни бранови должини, и тоа на бранова должина на сината, зелената, и на црвената боја, и ги компарирала со податоците детектирани во инфрацрвеното браново подрачје. Потоа, знаејќи ги точните износи на тие параметри и последиците од дејството на дефлексијата (искривувањето) на светлинските зраци, истражувачите попрецизно ги одредиле локациите на набљудуваните светлински извори, всушност далечни галаксии, и направиле ново мапирање на конфигурација на структурата на космосот, којашто во извесни случаи прилично отстапува од неа во актуелниот Стандарден сосмички модел. За проверка на резултатот групата направила споредба со наодите од други истражувачки групи во состав на KiDS конзорциумот, коишто исто така го применувале истиот метод, и притоа констатирала дека и кај нив се појавуваат, и тоа уште поголеми отстапувања во однос на постоечкиот Стандарден космички модел.
Ова несовпаѓање помеѓу двата модела ги наведе астрофизичарите да отворат широка дебата околу прашањето; дали тоа значи дека официјалниот Стандарден космички модел е погрешен, па тој треба да се преработи? Ќе почекаме, па ќе дознаеме.