Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 25/26.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.04.2020 - 10:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на овој викенд. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

25.4.1990 – Вселенскиот телескоп Хабл поставен во орбита

Екипажот од спејс-шатлот Диксовери на денешен ден го пушта во употреба вселенскиот телескоп Хабл. Хабл е првата оптичка опсерваторија којашто е поставена во орбитата на Земјата.

Хабл за првпат им овозможи на астрономите чист поглед кон небесните објекти и вселената без замаглувањата и аберациите предизвикани од Земјината атмосфера. Телескопот сместен во вселената овозможува поглед кон небеските објекти со многу поголема осветленост, јасност и детали отколку телескопите со слични или исти карактеристики на Земјината површина.

Потребно е да се каже дека пуштањето на Хабл, сепак, не помина без проблеми. Имено, првата слика добиена од овој објект беше матна, со изместен фокус. Ова се должеше на една многу глупава грешка (човечка!) во текот на проверката на обликот на примарното огледало при неговата изработка. Техничарот задолжен за проверка на огледалото, во брзање го оштетил врвот на многу прецизниот механички систем (прачка од invar легура, со „капа“ на крајот) и поради тоа погрешно го фокусирал оптичкиот систем за калибрација. Тоа довело до „совршено изработено огледало со погрешна површина“. Во декември беше вградена корективна оптика, мисија којашто ја изведе екипажот на спејс-шатлот Ендевор. Оттогаш, до денес, со неколку сервиси за одржување и надградба, Хабл испраќа беспрекорно остри слики коишто овозможија низа важни откритија од областа на астрономијата. (Н. С.)

 

25.4.1859 – Започнаа работите на изградбата на Суецкиот канал

Суецки Канал е вештачки канал којшто ги поврзува Средоземното и Црвеното море. Каналот долг 163 клометри овозможува кратка поморска рута од Европа кон Азија. Големата стратешка важност на Суецкиот Канал за Западот станува уште појасна ако се има предвид дека каналот е најважниот танкерски воден пат за снабдување на Европа со нафта од Блискиот Исток.

Суецкиот Канал го името добил по градот Суец, пристанишен град со околу 497000 жители, сместен во Египет.

Историјата на Суецкиот канал е многу стара, датира од античко време, од древниот Египет. Од ова време е документирано постоењето на два каналашто го олеснувале патувањето меѓу Нил и Црвеното Море. Едниот од каналите бил завршен во целост а другиот делумно од страна на египетските фараони. Вториот канал во целост е завршен од страна на персискиот крал Дариј I. Според Херодот, овој голем проект одзел околу 120 000 човечки животи. Птоломеите го одржувале и продолжиле да го подобруваат овој проект.

Но, веќе за времето на владеењето на Клеопатра, каналот бил делумно покриен со песок, а изворите не споменуваат ништо значајно за каналот за време на владеењето на Римјаните. По арапското освојување на Египет, каналот бил повторно изграден и се користел првенствено за пренесување жито, за во 8 век повторно да биде запустен и да стане неупотреблив. Денес, само мали траги укажуваат на античко дело.

Идејата за каналот опстанала низ средниот век пренесувајќи се во новите времиња, добивајќи нов полет во 19 век. Првите сериозни работи во оваа насока ги презема Наполеон, којшто увидел дека каналот би му овозможил стратегиска предност при неговите походи кон Далечниот исток. Првите резултати од геодетските мерења покажале висинска разлика од 10 метри помеѓу нивоата на Средоземното и Црвеното море, а дополнително и Наполеон набрзо го напуштил Египет.

Барометриските мерење од 1841 година како и истражувањата направени од група Французи, Британци и Австријци во 1846 година докажува дека разликата во морското ниво сепак е занемарлива. Во 1856 година Фердинанд Лесепс добива концесија за градба и го основа акционерското друшво коешто ги добива правата за користење на каналот за следните 99 години, по истекувањето на коишто каналот станува своина на Египет.

Работите за копање на каналот започнале на 25 април 1859 година во Порт Саид, а биле завршени десет години подоцна, на 15 август 1869 година. Целиот материјал, алат, машини и сировини биле донесени од Европа. Градбата ја следеле низа потешкотии, од прекини во работењето од финансиски причини до појавата на колера меѓу работнивите. Од вкупно 1,5 милиони работници, колку што учествувале во изградбата на каналот, околу 125 000 умреле како последица на колера. (Н. С.)

 

25.4.1996 – Дали употребувате Yahoo?

Yahoo! започна да ја рекламира својата веб услуга за пребарување на американска национална телевизија. Кампањата се одвива под слоганот ”Дали употребувате Yahoo?“. Рекламите за првпат се емитувале за време на емисијата Late Night со Дејвид Летерман, во паузите на ТВ-шоуто Saturday Night Live и серијата Star Trek. Ова е ран пример за моментите кога интернетот започнува да навлегува во мејнстримот. (И. З.)

 

26.4.секоја година – Меѓународен Ден на сеќавање на Чернобилската катастрофа

Катастрофата во Чернобил до денес влијаеше врз животите на многу луѓе ширум Европа. Експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил се смета за најголема катастрофа во историјата на искористување на нуклеарната енергија. Настанот предизвика исфрлање на огромни количини радиоактивен материјал во атмосферата.

Областите во непосредна близина до централата, кои се директно погодени од радијацијата предизвикана од експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил, се смета дека ќе останат озрачени и ненаселиви најмалку 150 години.

Како што напоменавме, оваа катастрофа е една од најтешките и најопасните во историјата на човештвото. ООН реши дека токму од овие причини овој ден треба да остане засекогаш забележан како ден кога се навраќаме кон минатото и се сеќаваме оваа катастофа, на настаните и случувањата непосредно по неа, извлекувајќи поуки за иднината. (Н. С.)

 

26.4.секоја година – Ден на вонземјаните

Денот мора да се одбележи од сите љубители на научната фантастика. Зошто? Денот на вонземјаните (Alien Day) е всушност ден кога се одбележува фантастичниот свет што на филмското платно го донесе култното остварување на Ридли Скот, “Alien”, кај нас познат под насловот “Осмиот патник”.

Следејќи ја традицијата воспоставена од други култни филмови од областа на научната фантастика со нивно одбележување на соодветни датуми (4 мај за “Војна на ѕвездите”, 21 октомври за “Враќање во иднината”, итн.), 26 април се зема за Alien Day.

Изборот на датумот, по американски стандарди 4/26, директно се однесува на изнаката на месечината од првиот филм LV-426, место каде во оригиналното остварување од 1979 година за првпат се среќаваме со ксеноморфите. Начини за одбележување има многу, но наш омилен би организирање на филмски маратон со сите целовечерни филмови од оваа франшиза. (Н. С.)

Клучни зборови:
Вселенскиот телескоп Хабл

Вселенскиот телескоп Хабл

Вселенскиот телескоп Хабл

Вселенскиот телескоп Хабл

Бродови чекаат на влез во Суецкиот канал во Порт Саид, снимено 1880 година

Бродови чекаат на влез во Суецкиот канал во Порт Саид, снимено 1880 година

Мост над Суецкиот канал

Мост над Суецкиот канал

Сателитска снимка на каналот

Сателитска снимка на каналот

Снимка направена непосредно по експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил

Снимка направена непосредно по експлозијата во нуклеарната централа во Чернобил