Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 17.4.2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 17.04.2020 - 22:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

17.4.1893 – Роден е Крсто Ставриќ , познат македонски аналитички хемичар

На денешен ден во 1893 година во Битола, роден е Крсто Ставриќ. Тој е еден од првите универзитетски наставници по хемија во Македонија. За да може да се запише на Фармацевтскиот факултет во Истанбул, во гимназиските денови, од 1914 до 1917 година, работел како фармацевтски помошник. Во такво својство бил и во битолската и во солунската воена болница. Во текот на Првата светска војна го прекинал студирањето, а во 1917 година се запишал на Фармацевтскиот факултет во Женева, паралелно студирајќи и хемија, физика и минералогија на Филозофскиот факултет. Во 1920 година завршил фармација, а во 1921 година на Филозофскиот факултет добил звање доктор по хемија. Бил шеф на лабораторијата во Белград, каде што работел на полето на токсикологијата, броматологијата и биохемијата. Во 1923 година бил назначен за шеф на лабораторијата и аптеката при скопската окружна болница, а две години подоцна ја отворил и сопствената аптека и лабораторија “Нада“, во која, меѓу другото, приготвувал сопствени патентирани лекарства и ја раководел сè до 1948 година, кога станал доцент на Природноматематичкиот факултет во Скопје. Во почетниот период на работата на катедрата по хемија несебично ја снабдувал со инвентар и хемикалии од својата аптека.

Починал во Скопје, на 7 август 1960 година, како последица од здобиените повреди во сообраќајна несреќа. (Т. С.)

 

17.4.1598 – Роден е Џoвани Батиста Ричоли

Џовани Ричоли (Giovanni Battista Riccioli) e италијански астроном и језуитски свештеник, познат по именувањето на релјефните одлики на Месечината.

Во 1651 година, тој го објавува Almagestum Novum, збирка од енциклопедиски размери којапто содржела над 1500 фолио страници со текст, илустрации и табели покривајќи ја секоја дотогаш позната тема поврзана со астрономијата. Книгата станала и се одржала како стандардно четиво за секој сериозен астроном сè до 19 век. Во неа се обработени небесните сфери и движењето на планетите, големината и оддалеченоста на Сонцето, познатите комети и нова-ѕвезди, а вклучени се и дискусии поврзани со хелиоцентричните и геоцентричните теории за структурата на универзумот.

Делот од оваа книга посветен на Земјата ги содржеше првите точни мерења на гравитациското забрзување. Тој извршил неколку експерименти користејќи нишала како уреди за мерење на времето, при што покажал дека периодот на нишалото со мала амплитуда е константен, со толеранција од ± 2  нишање на секое 3212 осцилации (што е прецизност во рамките на 0,07%). Користејќи нишало со период од една секунда, открил дека имало еден ден трае 86 400 секунди. Ги потврдил набљудувањата на Галилео каде оддалеченоста објектот што паѓа е пропорционална со квадратот на времето на паѓање.

Кога ја гледаме површината на Месечината, гледаме големи светли и темни области и кружни кратери. Ричоли ги именувал овие карактеристики на својата лунарна мапа со доделувајќи им романтични имиња. Мазните, темни области ги именувал како мориња истовремено доделувајќи им име на некоја емотивна состојба или појава. Оттаму на Месечината има Море на спокојството (Mare Serenitatis) и Море на тишината (Mare Tranquillitatus), Море на студенилото (Mare Frigoris)... Кратерите имаа имиња на познати астрономи и научници како Тихо (според Тихо Брахе), Коперник (по Никола Коперник) и Архимед. Имињата на морињата на Месечината сè уште се користат, а кратерите сè уште се именуваат си имињата на познати личности од науката. (Н. С.)

Клучни зборови:
Крсто Ставриќ

Крсто Ставриќ

Џовани Батиста Ричоли на графиката од Јохан Допелмајер од 18 век

Џовани Батиста Ричоли на графиката од Јохан Допелмајер од 18 век

Мапа на Месечината, дел од Almagestum Novum на Ричоли

Мапа на Месечината, дел од Almagestum Novum на Ричоли