Рубрика: Информатика
Пиратерија во време на карантин
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 13.04.2020 - 11:45

Во последниве недели се променија многу од навиките на луѓето во целиот свет. Соочени со ситуација во која сите по цел ден сме дома, некои од луѓето почнаа да ги “откриваат“ видео-повиците и конференциските врски, различните YouTube туторијали за вештини и физички вежби што можат да ги практикуваат во домот, но повеќето гледаат филмови и серии на Netflix и слични платформи. YouTube, на пример, во текот на месец март забележал 10% зголемен сообраќај на сите свои страници.

Истовремено, луѓето пребарувале и по различни страници кои нудат торенти. TorrentFreak пронашол корелација помеѓу зголемениот интерес за пиратските страници и регионите каде на сила се мерките за социјално дистанцирање, почнувајќи со Кина во февруари.

Во моментот кога кризата ескалирала во Вухан, забележан е 20% поголем сообраќај кон пиратските страници отколку пред карантинот.

Голем број од земјите во западниот свет мерките за социјално дистанцирање ги започна кон средината на месец март, што резултираше со поголем број активни преземања на датотеки по пат на torrent.

Имено, растот на нелегални преземања започнал во средината на март, искачувајќи се од околу 12 милиони на околу 16 милиони преземања дневно – што е пораст од за цела една третина!

Порастот може да се припише на зголемената потреба на корисниците за различни пиратски забавни содржини со кои сакаат да го прекратат времето поминато дома. Појавата е забележана низ целиот свет, а анализата на податоци по региони сè уште се очекува.

Клучни зборови: