Рубрика: Информатика
Covid-19 измами со лажни вакцини, тестови и антитела
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 10.04.2020 - 21:45

Во изминативе недели ве информиравме за измами кои ги искористија сегашниве случувања во врска со пандемијата, како обиди за кражба на идентитетот (fishing), ширење малвери и тројанци. Но, тука не е крајот.

Како што открива компанијата IntSights, на сајтот Own Shop, додуше сместен на темната страна од интернетот (dark web), една личност која тврди дека е заразена со коронавирус ја нуди својата крв за 1000 долари. Продавачот тврди дека неговата крв содржи антитела со коишто може да се создаде имунитет. Не е тајна дека тестови за коронавирус недостасуваат и во богатите земји. Измамниците почнале да ја користат таа ситуација за да нудат лажни комплети за брзо тестирање кои се продаваат на сајтот заедно со детектори на коронавирус, уреди кои, наводно, би требало веднаш да дадат одговор на прашањето дали сте инфицирани. И тоа не е сè!

Додека научниците ширум светот напорно работат на создавањето вакцина, колку што можат побрзо, измамниците на интернет веќе бесрамно ги рекламираат нивните "вакцини"!!!

Додека ни се случува оваа глобална катастрофа, истражувачите идентификувале и земји кои го користат вирусот како замка за своите непријатели. Така, на пример, една хакерска група која ја поддржува Русија, манипулира со дезинформации на социјалните мрежи со цел на ширење паника во Украина. Освен тоа, групата испраќала е-мејл порака која на прв поглед личи како да е испратена од Центарот за јавно здравје при Министерството за здравје на Украина. Пораката содржи документ со лажни информации за COVID-19, а малверот содржан во неа им овозможува на напаѓачите да добијат далечински пристап на компјутерите на жртвите.

За да се заштите од вакви и слични измами, информации барајте само на оригиналните сајтови од министерствата во вашата земја, бидете внимателни со мејловите кои ги испраќаат непознати личности, користете силни лозинки секогаш кога тоа е возможно, и добра антивирусна програма.

Клучни зборови: