Уште со првата појава на Ковид-19 во градот Вухан во Кина, почнаа да се создаваат гласини за можното лабораториско потекло на вирусот. Инфекцијата што ја предизвикува вирусот SARS-CoV2 сега е широко распространета. Впрочем, пред една недела беше прогласена и за пандемија. Пријавени се случаи во над 110 држави.
Самиот вирус којшто ја предизвикува болеста е седми вид на коронавирус којшто има способност да ги зарази луѓето. Притоа од ова семејство на вируси, SARS-CoV, MERS-CoV и SARS-CoV2, можат да предизвикаат сериозни состојби, додека типовите HKU1, NL63, OC43 и 229E поминуваат како помала непријатност.
Вчера во списанието Nature беше објавен труд во којшто научниците дискутираат за потеклото на новиот коронавирус и преку компаративна анализа на податоците за неговиот геном заклучуваат дека тој не е вештачки создаден.
При нивната споредба на двата типа коронавируси (алфа и бета), а врз основа на структурните проучувања и спроведените биохемиски експерименти, биле идентификувани две главни карактеристики на вирусот SARS-CoV2:
1. Новиот коронавирус е оптимизиран за поврзување со рецепторот ACE2 кај човекот; и
2. Градбата на S-протеинот, којшто ја покрива површината на вирусот, му овозможува лесно да се “закачи”.
Според истражувачите, неверојатно е дека SARS-CoV-2 е производ на лабораториска манипулација на сличен SARS CoV вирус, токму поради оптимизираноста на вирусот за поврзување со човечкиот протеин ACE2, за којашто вирусот изгради ефикасно решение коешто се разликува од останатите. Понатаму, тие укажуваат дека ако вирусот бил добиен со генетска манипулација, во градбата би биле забележани остатоци од генетските системи од коронaвирусите коишто биле употребени, што не е случај.
Наместо ова, истражувачите предлагаат две можни сценарија коишто го објаснуваат потеклото на новиот коронавирус SARS-CoV2:
• вирусот настанал со природна селекција во животно-домаќин пред да дојде до зоонотски трансфер на човек;
• вирусот настанал со природна селекција кај човек откако дошло до зоонотски трансфер.
Иако засега не е идентификуван коронавирус од животинско потекло којшто би имал доволно слични карактеристики со SARS-CoV2 за да биде земен предвид како можен извор на овој вирус, истражувачите истакнуваат дека диверзитетот на коронавируси присутен кај одредени животински видови, е во најголем дел недоволно проучен.
Вирусот-предок на предизвикувачот на болеста Ковид-19 веројатно се развил кај животински вид којшто живее во големи популации и има генетски протеин ACE2 сличен на оној кај човекот.
Според истражувачите, сосема е можно предокот на SARS-CoV2 да го направил скокот од животно на луѓе, по што се приспособил и ги стекнал генетските карактеристики коишто му овозможија брзо ширење и зачеток на пандемијата.
Разгледувајќи ја теоретски и можноста за лабораториско потекло на новиот вирус, истражувачите истакнуваат дека и покрај тоа што во повеќе лаборатории во светот се спроведуваат истражувања на коронавируси, покрај постоењето на документирани случаи кадешто вируси од типот SARS-CoV “се протнале” и се прошириле надвор од лабораториите, новиот вид на коронавирус сепак нема лабораториско потекло. Заклучокот го засноваат врз самата градба на вирусот, како и на доволната сличност на коронавирусот со оној детектиран кај популациите панголини и лилјаци, цицачи со протеински рецептори слични на оние кај човекот.
Како што тие заклучуваат, понатамошните истражувања веројатно ќе укажат на некоја од претходните две теории како можен пат за адаптацијата на вирусот на човек како домаќин и неговото понатамошно брзо ширење.