Рубрика: Информатика
CyberMK 2020 – Прв Национален натпревар во сајбер безбедност
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 04.03.2020 - 12:00

Оваа година за прв пат кај нас ќе се одржи Национален натпревар во сајбер безбедност – хакатон. Настанот е во организација на Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT како организациска единица во Агенцијата, а се одржува етапно, во текот на целиот месец март, од 2 до 31.

Целта на овој натпревар е промоција и примена на вештини и знаења од областа на сајбер-безбедноста, во насока на идентификација и развој на идни професионалци за компјутерска безбедност во државата.

Натпреварот содржи индивидуално и тимско натпреварување спроведено во фази, за избор на одреден број финалисти кои ќе се натпреваруваат на лице место на централниот настан што ќе се одржи на крајот од овој месец. Дизајниран е така да им постави задачи и предизвици на учесниците во различни области на сајбер-безбедноста, како што се етичко хакирање, откривање упад, компјутерска форензика, анализа на логови, reverse engineering и друго.

Натпреварувањето ќе комбинира примена на елементи за дизајн на игри и принципи на игра, со интерактивни предизвици за тестирање на знаењето за сајбер-безбедноста во широк спектар на домени. На учесниците кои успешно ќе ја завршат претквалификацијата, ќе им биде овозможено, освен учество во индивидуалниот натпревар, да креираат групи од 3 лица и дополнително да учествуваат во тимскиот финален натпревар.

Натпреварот е од отворен карактер и секој може да се пријави и учествува, со фокус на младите на возраст од 15 – 27 години и студентската популација.

За победниците Агенцијата има обезбедено одреден фонд за награди.

Ако сметате дека сте експерт во сајбер безбедност и сакате предизвици, тогаш овој натпревар е одлична можност да ги докажете вашите вештини!

Повеќе детали за натпреварот и начинот на регистрација може да видите тука

Клучни зборови: