Земјата се здоби со нов геолошки период, којшто зафаќа интервал од пред 770 000 до пред 126 000 години. Тој е откриен од сликата на магнетските линии, според нивната невообичаена ориентација забележана на остатоци од исфрлена вулканска лава наталожена на еден карпест седимент во дамнешното минато време. Имено, таа слика покажува сосем поинаква локација на Земјините магнетски полови во тоа дамнешно минато време. Карпестиот седимент е откриен на брегот на една река во местото Chiba во Јужна Јапонија, и според името на тоа место, новиот геолошкиот период е наречен Chibanian. Тој е неодамна ратификуван од Меѓународното здружение на геолозите, како откритие на нов значаен геолошки период во историјата на нашата планета Земја.
Да објасниме, на геолозите им е познато дека магнетските полови на Земјата одвреме-навреме ја менуваат нивната местоположба, а тоа остава траги во ориентацијата на магнетските линии во остатоците од дамна исфрлената вулканска лава. Таква една промена на ориентацијата на магнетските линии е објавена во 2014 година, во списанието Geophysical Journal International, во напис со податоци забележани на една седиментна карпа откриена во Италија. Потоа, во 2019 година објавена е друга информација во Science Advances Journal, за друг таков сличен наод датиран од пред 22 000 години, забележан на остаток од лава на една седиментна карпа откриена на Хаваите. Меѓутоа, тоа не е сè. Познато е дека дури и во денешно време е во тек перманентна промена на Земјината магнетска слика. Имено, констатирано е дека северниот магнетски пол перманентно се поместува кон Сибир, со загрижувачко, перманентно, сè поголемо зголемување на брзината на поместувањето, која сега достигнува 55 km годишно. На оваа тема пишувавме во онлајн вестите на нашиот веб-сајт во јануари 2019 година (види тука). Останува уште да објасниме дека магнетските полови не треба да ги поистоветуваме со географските полови, всушност точките низ кои поминува оската на ротација на Земјата.
Уште само ќе објасниме дека сите овие повремени промени на ориентацијата на магнетската слика, научниците ги припишуваат главно на повремена промена во аголната периода на ротација на цврстото Земјино јадро (магнетосфера), всушност генераторот на магнетското поле, во однос на аголната периода на ротација на надворешната Земјина обвивка, меѓутоа геолозите не исклучуваат и евентуално влијание и на некои други фактори.
Сите овие промени на магнетската скика на Земјата активно се следат од геолозите, па во таа насока откритието на наведениот најнов Chibanian геолошки период несомнено ќе им помогне во проучувањето не само на Земјината историја, туку и во стекнувањето нови сознанија, чиишто случувања би можеле да ги очекуваме понатаму во денешницата.