За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.
14.02.1990 – Прв „семеен портрет“ на планетите од Сончевиот систем
Итајќи кон работ на Сончевиот систем на 14.02.1990 година американското летало „Војаџер 1“,во период од 4 часа сними и испрати серија од фотографии од Сончевиот систем кој го напушташе. Со комбинирање на 60 од нив фотографи беше изработен првиот „семеен портрет“ на Сонцето и планетите од сончевиот систем. Поточно на дел од нив. На мозаикот, Сонцето се гледа како ѕвезда, а планетите како точки кои орбитираат околу неа. Меркур била преблиску до Сонцето за да биде видлива, а Марс и Плутон премали за да се забележат на фотографијата. Благодарение на оваа уникатна можност на леталото „Војаџер“ кое веќе одамна е во меѓуѕвездениот простор, овој портрет може долго време да биде единствен снимен од ваква перспектива. (Г. П.)
14.2.2005 – Регистриран е YouTube
На денешен ден пред 15 години Стив Чен (Steve Chen), Чад Харли (Chad Hurley) и Џод Карим (Jawed) го регистрираат вебсајтот YouTube како платформа за споделување на видеоматеријали. Сајтот доживува огромна популарност со повеќе од една милијарда посети секој месец. (Н. С.)
14.2.1876 - Александер Грахам Бел (Alexander Graham Bell) аплицира за патент за телефонот, како и Елиша Греј (Elisha Gray)
Во ист ден до Канцеларијата за патенти на САД, Бел аплицира со патентот “Подобрувања во Телеграфијата”, а Греј поднесува извештај за патент за пренос на човечки глас низ телефонско коло. Канцеларијата го известува Греј за совпаѓањето меѓу неговиот извештај и апликацијата на Бел. Греј решава да го повлече извештајот. На Бел му е доделен патент со број 174 465 (Д. М.)
14.2.1838 – Родена е Маргарет Најт
На овој ден во 1838 година во САД, родена е најпознатата женска иноваторка Маргарет Најт (Margaret E. Knight). Во иноваторските кругови е позната под прекарот “Лејди Едисон“. Нема сомнение, гордост на женскиот род на полето на иноваторството. Нејзиниот најголем официјално познат изум е хартиената торба со квадратно дно. Работела во фабрика за хартиени производи и таму темелно го проучувала начинот на производство и технологијата, од што произлегуваат низа нејзини изуми. Има и редица корисни иновации на полето на машинството. Била со нежно здравје и умрела од воспаление на белите дробови и проблеми со жолчката во 1914 година. (Т. С.)
14.2.1946 – Претставен е ENIAC
На Универзитетот на Пенсилванија, САД, е претставен ENIAC (Electronic Numerical Integrator And Computer), првиот електронски компјутер кој ги извршуваше операциите со електронска брзина, без да биде забавуван од механички делови.
ENIAC извршуваше 5000 операции во секунда, што е 1000 пати побрзо од неговите современици.
Импресивен и по големината, не само по брзината, зафаќаше површина од 139 м2, тежеше само 30 тони и се состоеше од 18000 вакуумски цевки. (З. И.)
14.2.1975 – Конвој од “стојадинки” тргнува кон Килиманџаро
Пред точно 45 години, пет нови автомобили од возилото Zastava 101, сите со црвена боја, ги стартуваа нивните мотори во Крагуевац и се упатија кон планината Килиманџаро во Танзанија. Четири од возилата беа без задни седишта додека петтото беше модел од сериско производство. Експедицијата измина пат долг илјадници километри, поминувајќи низ неколку земји – Грција, Египет, Кенија, Уганда и Танзанија. Успехот на овој подвиг е огромен ако се има предвид дека во денешни услови ова патување е неизводливо. Имено поради влошената безбедносна состојба во Африка оваа рута не ја надлетуваат ниту комерцијалните патнички авиони, а уште помалку е возможно таа се помине со возило. (Н. С.)