Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 6 февруари 2020
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.02.2020 - 14:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

6.2.1911 – Претставена маскотата на Ролс Ројс

Прочуената маскота “Духот на екстазата“ (Spirit of Ecstasy) промовирана е во Англија на овој ден 1911 година. На американците ова име им било премногу комплицирано и затоа таму е позната како “Летечката дама“. Тоа е најпознатата маскота на еден автомобил познат по тоа што гарантира престиж и висок статус на неговиот сопственик. И овој момент бил основниот мотив за ангажирање на младиот уметник Чарлс Скејси кој гарантирал на сопственикот на оваа автомобилска фирма дека нема да понуди кич од уметност од што стравувал. И успеал во тоа. Извајал совршено уметничко дело.

Маскотата во текот на десетлетијата се менувала по сите параметри. Ја менувала големината и материјалот. Во почетокот била посребрена а денес се прави од не’рѓосувачки челик. Секако, по нарачка може да се направи од чисто сребро или злато. Друг интересен момент е што на допир брзо се вовлекува во своето лежиште што има двојна намена: и безбедносна во смисла заштита на пешаците при удар и како превентива од крадење. (Т. С.)

 

6.2.1971 – Аполо 14 ја напушта Месечината

Во 1971 година, “Аполо 14“ стана третото летало коешто се спуштило на Месечината носејќи човечки екипаж. Лунарниот модул слетува претходниот ден во 9 часот и петнаесет минути. Посадата во состав командант – Алан Шепард и пилот – Едгар Мичел, станаа петтиот и шестиот човек кои чекореле на Месечината.

Посадата изведе 2 прошетки на површината на Месечината, едната на 5 и втората на 6 февруари. Како куриозитет може да се спомене дека на денешен ден Алан Шепард влезе во историјата на голфот како првиот човек кој ја заигра оваа игра на Месечината :) . Неговата пасија кон голфот го поттикнала да прошверцува во неговиот костим глава од палка и топче за голф коишто потоа ги употребил.

За време вкупниот 4-часовен престој Шепард и Мичел монтираа лабораторија којашто остана да извршува различни испитувања на Месечината, а на заминување со себе понесоа 49,2 килограми месечев материјал. Три дена подоцна, на 9 февруари, Аполо 14 се спушти безбедно во водите на Тихиот Океан. Аполо 14 е последната мисија со дводневен престој на површината. Следните 3 мисии ќе бидат опремени со лунарен ровер, ќе имаат подолг престој на површината на Месечината и поширок опсег на истражувања. (Н. С.)

Клучни зборови:
Духот на екстазата

Духот на екстазата

Алан Шепард игра голф на Месечината

Алан Шепард игра голф на Месечината