Рубрика: Информатика
Facebook Messenger ќе добие Face ID заклучување на апликацијата?
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 30.01.2020 - 12:00

Фејсбук работи на нова безбедносна карактеристика за заклучување/отклучување на апликацијата Messenger. Со цел да ги заштити вашите разговори, апликацијата Facebook Messenger наскоро можеби ќе додаде “Face ID” заклучување на апликацијата, преку препознавање на лицето на корисникот.

Развојниот инженер Џејн Менчун Вонг открива дека функцијата “Face ID” сè уште е во рана фаза во развојот на кодот за Фејсбук. Новата функција на апликацијата Messenger веројатно ќе функционира на ист начин како и биометриското отклучување веќе достапно за WhatsApp.

Како што открива твитот од Џејн Менчун Вонг:

“Facebook Messenger работи на “Face ID” заклучување на апликацијата. Функцијата ќе биде овозможена веднаш откако корисникот ќе го напушти Messenger или по одредено време. Се чини дека Face ID нема да биде испратен или зачуван на серверите на Фејсбук, според описот прикажан на екранот.“

 

Како што се гледа од скриншотот објавен во твитот, корисниците ќе можат да ја добијат новата функција за отклучување односно автентикација на системот со препознавање на лица со можност за нагодување на времето за заклучување на апликацијата – од 1 минута, 15 минути или 1 час по напуштање на апликацијата Messenger. Вонг тврди дека податоците од “Face ID“ нема да биде складирани од Фејсбук, што значи дека најголемата социјална мрежа нема да ги чува биометриските податоци за лицата на корисниците на својот сервер.

Апликацијата Facebook Messenger во моментов зависи од заштитата на уредот што го користите за да го одржува разговорот безбеден и приватен. Секој со лозинката за негово отклучување може да добие пристап до вашите пораки.

Вонг изјави дека горенаведениот скриншот е од Android верзијата на апликацијата Messenger којашто е во раните фази на развој.

Нема официјален извештај од Фејсбук за оваа нова функција. Тоа значи дека нема гаранција кога оваа функционалност ќе се појави во стабилната апликација Messenger.

Клучни зборови: