“Кумовата слама” на ноќното небо секогаш е спектакуларна глетка, река од ѕвезди што се двои од останатите “светулки” во ведрата ноќ што ја минувате далеку од цивилизацијата. Но, како би ни изгледал Млечниот Пат доколку не бевме ограничени со нашиот трихроматски вид и ако поседувавме “супермен” моќ да ги гледаме радиобрановите?
Одговорот на ова прашање го понуди телескопот Murchison Widefield Array (MWA), сместен во зафрлените краеви на Западна Австралија. Со помош на радиотелескопот беше направена нова спектакуларна слика од нашиот галактички дом во нискофреквентниот радиоопсег.
Композитната слика беше направена со помош на суперкомпјутерот во центарот Пауси во Перт, а ја создаде Наташа Харли-Вокер, астрофизичар од огранокот на Универзитетот Картин при Меѓународниот центар за радиоастрономски истражувања.
Податоците коишто беа искористени за оваа намена потекнуваат од истражувачкиот проект GLEAM – GaLactic and Extragalactic All-sky MWA survey. Мрежата на GLEAM има резолуција од две аглови минути, што е приближно иста резолуција со онаа на човечкото око, а го мапира небото користејќи радиобранови со фреквенции во опсегот помеѓу 72 и 231 MHz. За потсетување, FM радиоопсегот има честота од околу 100 MHz.
“Новиот поглед ги опфаќа нискофреквентните радиоемисии од нашата галаксија, овозможувајќи истовремено детален преглед и поглед во поголемите структури“, коментираше Харли-Вокер во врска со добиениот резултат. “Нашите слики гледаат директно во средината на Млечниот Пат, во областа што астрономите ја нарекуваат галактички центар.“
На сликата во прилог, најниските фреквенции од радиоопсегот се со црвена боја, средните фреквенции со зелена, додека највисоките фреквенции имаат сина боја. Огромните златни нишки ги претставуваат огромните магнетни полиња, додека остатоците од експлозии на супернова се видливи како мали сферични меури. Ѕвездените јасли, односно регионите кадешто има масовно формирање на нови sвезди се обоени во сина боја.
Супермасивната црна дупка сместена во центарот на нашата галаксија се крие во сјајно-белиот регион во центарот на структурата.
Погледот на GLEAM во timelapse
2017 Best Timelapse: 'GLEAM' by Dr John Goldsmith, Dr Natasha Hurley-Walker and the GLEAM Team from ICRAR on Vimeo.