Рубрика: Астрономија и астронаутика
Асирците ја виделе поларната светлина
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.11.2019 - 11:45

Глинените плочки од седмиот век пред нашата ера, на коишто со клинесто писмо се врежани набљудувањата на астрономите на необичната светлина на ноќното небо, го претставуваат можеби најстариот доказ за појавата на поларна светлина поврзана со екстремната сончева активност. Описите од плочките се совпаѓаат со изотопските траги што останале забележани во годовите на дрвјата.

Спектаклот на aurora borealis не ги оставил рамнодушни астрономите кои во тие дамнешни времиња го проучувале небесниот свод во потрага по знаци и пораки, донесени од метеорите, кометите, планетарните движења и од други, во тоа време необјасниви феномени. Денес овие внимателно составени записи претставуваат рудник на информации за космичките настани од минатото. Така, неодамна група јапонски истражувачи во глинените плочки со клинесто писмо запишани од асирските и од вавилонските астрономи го пронашле најстариот документиран доказ за три можни последователни манифестации на поларна светлина што пред 2700 години се случиле последователно во кус временски период. Истражувањето беше објавено неодамна во Astrophysical Journal Letters.

Научниците од Универзитетот на Осака и Цукуба во Јапонија, тргнале во потрага по записи на видувања на поларна светлина во извештаите од астрономските набудувања изготвени меѓу осмиот и седмиот век пред нашата ера, за да разберат дали има совпаѓање меѓу пишаните описи на овие феномени и изотопските траги од геомагнетните настани зачувани во природата, како што се на пример “записите” во годовите на старите дрвја.

Трите глинени плочки испишани меѓу 680 и 650 година п.н.е. содржеле неколку референции коишто асоцираат на појавата на аурора, како што се “црвениот облак“ или “црвенило што го покрива небото“. За истражувачите, овие изрази би можеле да се однесуваат на стабилните црвени манифестации на поларна светлина. За потсетување, аурората претставува појава на светлечки ленти на небото што се јавуваат како последица од побудувањето на електроните во кислородните атоми од атмосферата како резултат на нарушување на магнетното поле на Земјата.

Набљудувањата забележани на проучуваните глинени плочки ги опишуваат појавите што се случиле на небото над Вавилон и над асирскиот град Ниневија. Овие настани се споменуваат и во Библијата. Според научниците, датумите на опишаните настани се совпаѓаат со острите врвови во графиците коишто ја прикажуваат концентрацијата на изотопи на јаглерод-14 во дрвјата за одредени периоди. Острите пикови што ја бележат наглата промена на присуство на изотопи вообичаено се поврзани со зголемената сончева активност, а во овој случај нивната старост била сместена во периодот од околу 660 година п.н.е.

Проучуваните записи се најстарите пишани споменувања на феноменот аурора што некогаш биле пронајдени, еден век постари од досега познатите. Иако појавата на поларна светлина вообичаено ја поврзуваме со повисоките географски широчини, во периоди на интензивна сончева активност овие феномени можат да се појават и далеку од половите. Освен тоа, поради промените во геомагнетното поле на Земјата, во тоа време регионот на Блискиот Исток бил поблизу до магнетскиот север отколку што е тоа денес.

Клучни зборови: