Рубрика: Омнибус
ИНОВАМАК 2019
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 08.10.2019 - 17:30

Во Скопје, од 24 до 26 Септември 2019, во Домот на АРМ се одржа Третиот Меѓународен саем на пронајдоци, иновации и нови технологии ИНОВАМАК 2019. Организатор беше Национална Асоцијација на Пронаоѓачи  на Македонија (NAIM), а саемот го помогнаа Државниот завод за индустриска сопственост, Министерството за одбрана, Фондот за иновации и Министерството за образование.

На овој саем учество земаа 20 држави, меѓу кои и Кина, Руската Федерација, Индија, Египет, Германија, Иран, Канада, Тајван, Малезија, Германија, Кахазстан, Полска и др. На саемот дојдоа високи гости од IFIA (Светската федерација на асоцијации на пронаоѓачи), Кина, Германија, Русија, Чешка, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска. Меѓу другите, присуствуваа Хусеин Хујиќ – Генералниот директор на IFIA ; проф. д-р Ценгпеи Шуан од Асоцијацијата на иноватори од Народна Република Кина; како и проф. д-р Винфрид Штурм – амбасадор за СТЕМ образование и менаџер на работната мрежа за млади во IFIA. Присуството на високите гости на ИНОВАМАК 2019 се должи на сè поголемиот углед на NAIM што го ужива во IFIA, како полноправна членка на оваа светска федерација.

Во рамките на саемот, во домот на АРМ, проф. Штурм одржи предавања на студентите од Машински факултет, како и предавање во гимназијата Јосип Броз – Тито. Во рамките на саемот беше потпишан специјален договор за соработка помеѓу Кинеската асоцијација на иноватори и NAIM.

На саемот беа прикажани 78 патентирани пронајдоци и 18 дизајни на уреди. Меѓународното жири ги награди најдобрите пронајдоци со златни и сребрени медали, пехари и дипломи. Од домашните пронаоѓачи златни и сребрени медали добија:

  • Владо Димитров – “Модем за каскадно поврзување фотонапонски панели“
  • Весна Стефановска – “Дводелна носилка“
  • Тони Велиновски – “Механички апарат за сушење тутун“
  • Влатко Поповски – “Фитнес столчиња“
  • Марјан Ненов – “Еко сончева централа“
  • Лиле Симјановска – “Инкубатор за клеточно култивирање кој овозможува поправка на ДНК кај ембриони со примена на методата Ливиб Кристал“
  • Сашо Јандрески – “Мултифункционален стерилен медицински шприц“
  • Весна Трајковска – “Мирисна ампула за вградување во облека и накит“
  • Михаил Арсовски – “Електронски уред за друштвени игри“
  • Димитрија Ангелков - „Паметна канта“
  • Драгољуб Шешум – “Радијатор што лади и грее“
Клучни зборови: