Во Скопје, од 24 до 26 септември 2019, во Домот на АРМ, во организација на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (НАИМ) ќе се одржи третиот Меѓународен саем на иновации, патенти и нови технологии “ИНОВАМАК 2019“. На саемот ќе земат учество повеќе од 20 држави.
Меѓу останатите гости, на саемот лично ќе присуствуваат генералниот директор на IFIA (Светската федерација на иноваторски асоцијации ) – г. Хусеин Хујиќ, проф. д-р Ѕенгпеи Сјуан од Народна Република Кина, како и професор Винфред Штурм, амбасадор за СТЕМ образование и менаџер на работната мрежа за млади во ИФИА. Проф. Штурм е и едуциран магионичар, a во рамките на саемот, во домот на АРМ ќе одржи предавања на студентите од машинскиот факултет при УКИМ – Скопје, кој е и соорганизатор на саемот, како и предавање во гимназијата Јосип Броз – Скопје, во паралелката за германски јазик. Во рамките на Саемот ќе биде потпишан специјален договор за соработка помеѓу Кинеската асоцијација на иноватори и НАИМ.
Исто така, на саемот лично ќе присуствуваат гости од Руската Федерација, Чешка, Хрватска, Србија, БИХ, Република Српска.
Присуството на високите гости на ИНОВАМАК 2019 пред сè, се должи на сè поголемиот углед што НАИМ го ужива во ИФИА, како полноправна членка на оваа светска федерација која е официјално признаена од Обединетите нации. Свеченото отворање е закажано за 24 септември, во 13 часот, а саемот за граѓаните ќе биде отворен од 14 часот. Работното време на саемот на 24 септември е од 14 до 19 часот, 25 септември од 10 до 19 часот и на 26 септември од 10 до 18 часот. За сите заинтересирани што сакаат да ја посетат изложбата, ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН.