Во прилог ви нудиме своевиден поглед во внатрешноста на човековото око, поточно во мрежницата. Секоја од точките претставува една клетка, а вкупно има околу 20 000 точки. Оние обоени во иста боја претставуваат клетки од ист тип.
Научниците ја создадоа најдеталната генска мапа на мрежницата, овозможувајќи увид во начинот на којшто тенкиот слој клетки, сместени во задниот дел од окото, ја чувствуваат светлината и испраќаат пораки до мозокот.
Се работи за првиот реон од окото којшто се мапира како дел од проектот “Атлас на човечките клетки“. Проектот претставува глобална иницијатива за создавање на референтни карти на сите човечки клетки.
Во истражувањето се вклучени научници од Австралија, Кина, САД и Велика Британија, а се одвива под водство на австралиската истражувачка тројка –Рејмонд Вонг од Центарот за очни истражувања Австралија, Семјуел Луковски од Институтот за молекуларна биологија и Џозеф Пауел од Институтот Гарван за Медицински истражувања.
Тимот ги испитал сложените генетски секвенции што се кријат зад одделните клетки со цел да добијат профил на сите главни типови клетки присутни во мрежницата, но и на гените што ја овозможуваат нивната нормална функција.
Меѓу мапираните клетки има фоторецептори, кои ја чувствуваат светлината и, во принцип, го овозможуваат чувството за вид кај луѓето, мрежнички ганглионски клетки, кои ги пренесуваат пораките до мозокот преку оптичкиот нерв, како и други клетки кои ја поддржуваат функцијата и стабилноста на мрежницата.
Наодите беа објавени во European Molecular Biological Organisation Journal.