Рубрика: Биологија
Не постои единствен “геј ген“
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.09.2019 - 10:45

Едно ново истражување открива дека не постои еден генетски фактор којшто влијае на сексуалната ориентација. Како што велат тие, бидејќи сме луѓе, постојат многу фактори...

Истражувањето во коешто биле опфатени повеќе од 470 000 луѓе потврди дека не постои еден ген којшто ја предодредува единката како хомосексуална (“геј“). Како што истакнуваат истражувачите, постојат илјадници генетски варијанти поврзани со оваа особина, но дури и кога ќе се искомбинираат и ќе се земат сите предвид, тие придонесуваат само за еден процент од оваа генетска варијација.

Со други зборови, како и кај повеќето други човечки карактеристики и однесувања,така и кај истополовото сексуално однесување големо влијание има цела мешавина на генетски фактори, но и поблиското и општественото опкружување.

Андреа Гана (Andrea Ganna), водечкиот автор на трудот што неодамна беше објавен на страниците на реномираното научно списание Science, вели: “Го скениравме целиот човечки геном и пронајдовме неколку, односно ако сакаме да бидеме прецизни, точно пет локации во човечкиот геном коишто се јасно поврзани со тоа дека личноста пријавила наклонетост кон истополово сексуално однесување“

Гана, од Институтот за молекуларна медицина во Финска и Општата болница на Масачусетс во САД, работеше на истражувањето заедно со колеги од САД, Велика Британија, Шведска, Данска, Холандија и од Австралија. Податоците за истражувањето потекнуваат од UK Biobank и од генетската компанија 23andMe, коишто обезбедиле пристап до генетските податоци на повеќе од 470 000 луѓе кои самите ја искажале својата сексуална ориентација.

Истражувачите велат дека не можеле да најдат никакви модели меѓу генетските варијанти коишто би можеле да се искористат за значајно предвидување или идентификување на сексуалното однесување на една личност. Она што сепак го забележале е дека некои од овие варијанти се поврзани со биолошките врски на половите хормони и чувството за мирис, давајќи индиции за механизмите кои влијаат врз истополовиот сексуален избор.

 “Нашите сознанија даваат увид во биолошките основи на истополовата сексуална ориентација“, пишуваат авторите, „но [тие] исто така ја истакнуваат важноста да се спротивставиме на поедноставените заклучоци затоа што бихејвиоралните фенотипи се многу сложени, затоа што нашите генетски согледувања се примитивни, и затоа што постои долга историја на злоупотреба на генетските резултати за постигнување социјални цели“.

Коавторот Бен Нили (Ben Neale) од Институтот Брод и Општата болница на Масачусетс во САД вели дека истражувањето потенцира дека постои и елементот на животната средина каде што одредени фактори влијаат за истополовата сексуална ориентација, а тука може да се вброи што било што се случило уште додека личноста била во матката, па сè до тоа до кого личноста стои во автобусот.

“... Не можеме да кажеме какви сè фактори од животната средина имаат влијание, туку повеќе чувствуваме дека тие постојат, затоа што откривме дека постои ограничување на степенот до којшто генетиката навистина влијае на оваа особина“, вели тој. “Обата фактора се важни. Да, постои биолошка и да, веројатно постои одредена поврзаност со животната околина, но надвор од тоа не можеме да прецизираме“, вели Нил.

Истражувачите ги забележуваат ограничувања на нивното истражување, меѓу кои е  фактот што сите субјекти во истражувањето ја самопријавиле нивната сексуална ориентација, тоа што нивните податоци се земени само од подрачјата на САД и Велика Британија, како и тоа што во истражувањето не биле вклучени небинарните родови.

Токму од овие причини е разбирливо оградувањето на Нили, којшто вели:

“Не би го опишал ова истражување како краен одговор. Сметам дека ова истражување го придвижува нашето разбирање кон малку подлабоко и понијансирано место каде што согледуваме дека постојат повеќе комплексни фактори отколку што можат да се фатат преку нашите мошне поедноставени методи."

Можеби најважно е тоа што ова истражување обезбедува “дополнителни докази дека различната сексуална ориентација е природен дел од целокупната човечка варијација“.

Клучни зборови: