Со само неколку дена задоцнување, по светската премиера во Њујорк, Galaxy Note10 и Galaxy Note10+ ја доживеа и македонската промоција. Во амбиентот на хотелот Хилтон Дабл Три во Скопје, претставниците од Самсунг ја претставија оваа нова серија на паметни телефони пред домашната јавност. А новата серија на Самунг телефони има што да каже...
Ако една од главните придобивки од мобилната телефонија е слободата во движењето, она што денес Самсунг го понуди е целосно ослободување на креативноста и размената на идеи. Новата серија Galaxy Note10 ќе им овозможи на корисниците да го постигнат својот максимум во секојдневните предизвици. Надградениот Dynamic AMOLED екран, професионалната камера, подобрениот S Pen, супер брзото полнење и неверојатната поврзаност со други уреди, претставува гаранција дека уредот ќе биде во можност да ја исполни задачата, без разлика дали се работи за фаќање прибелешки на некој работен состанок, уредување на креативно видео или едноставно пребарување на интернет.
"Од својот почеток, серијата Note претставува симбол на врвни перформанси; на корисниците секогаш им го нуди она што им е потребно и што е уште поважно, да одат чекор понапред и да станат најдобрата верзија од себеси. Galaxy Note10 и Note10+ продолжуваат со традицијата на спроведување на иновација во полето на паметни телефони, обезбедувајќи им на корисниците исклучителни можности со S Pen, професионалната камера и одличната поврзаност со други уреди, за целосно доживување и автентично Galaxy искуство“, изјави Марјан Блажески, директор на продажба на IM сегментот на пазарот во Македонија, Косово и во Албанија на компанијата Samsung Electronics Adriatic. “Покрај официјалното претставување на двата најнови модела на нашиот пазар, ми претставува големо задоволство што од денес е функционален и официјалниот Samsung веб сајт за Македонија. Преку веб-сајтот на Самсунг, корисниците ќе можат на едноставен начин да се информираат за големиот број најразлични уреди и да извршат купување со само неколку клика на еден од партнерските сајтови“, додаде Блажески.
Galaxy Note10 и Note10+ претставуваат спој од напреден хардвер и софтвер. Обата модела доаѓаат опремени со најголемиот и најквалитетен Dynamic AMOLED екран со HDR10+ сертификат и динамично пресликување на тонови кои ги прават фотографиите и видеоматеријалите посветли за разлика од претходните Note уреди и имаат неверојатен и широк спектар на бои.
Камерата на новиот Galaxy Note10 уред овозможнува снимање на видеоматеријали со професионален квалитет, без потреба од дополнителна опрема. Во опцијата Video editor за уредување на снимките сега е овозможена опцијата на употреба на S Pen, па така наместо постојано кликање за преглед и уредување, корисниците сега ќе можат прецизно да го изберат точниот момент што сакаат да го исечат.
Една од главните софтверски иновации кај серијата Galaxy Note10 секако ќе им падне во очи на бизнис корисниците. Имено, Galaxy Note10 со помош на редизајнираниот S Pen нуди можност за корисниците да пишуваат белешки рачно, во ракопис, за потоа да го претворат својот ракопис во дигитален текст со помош на апликацијата Samsung Notes. Фајлот потоа може да се експортира во повеќе различни формати, вклучувајќи го и Microsoft Word. Едниствен недостаток е што, барем засега, оваа опција не е овозможена за корисниците на кирилското писмо. А како што откри и авторот на овој текст, опцијата не е за секого. Имено, при пишувањето треба да имате доволно разбирлив, односно читлив ракопис, за да не го збуните софтверот :)
Galaxy Note10 ја интегрира врзаноста со Windows директно во апликацијата Quick Panel. Со еден клик, корисниците можат да се поврзат со својот Windows 10 компјутер. На неа може да ги видат известувањата, да испраќаат и примаат пораки и да ги прегледаат фотографиите без да гледаат во телефонот, согласно потребите на современиот потрошувач кој бара непречено и неограничено искуство на поврзаност помеѓу своите уреди.
Како што најавија од Самсунг Македонија, Galaxy Note10 кај нас ќе биде достапен во аура сјајна, аура розова и аура црна боја, додека Galaxy Note10+ ќе биде достапен во аура сјајна, аура бела и аура црна боја. Најавено е претпродажбата на моделите да започне од 23 август, по препорачаната малопродажна цена од: 56 999 денари за Galaxy Note10 и 65 999 денари за Galaxy Note10+, со внатрешна меморија од 256 GB и 72 499 за Galaxy Note 10+ со меморија од 512 GB.
Повеќе информации за Galaxy Note10 и Galaxy Note10+ тука