Сите овие поими се поврзани или ги објаснуваат атмосферските појави познати како метеори. Да почнеме со ред...
Малите тела кои под дејство на Земјината гравитација влегуваат во нејзината атмосфера и притоа предизвикуваат визуелна појава, а се најчесто остаток од некоја комета, се нарекуваат метеороиди. Нивната маса најчесто се движи околу 1 грам, додека дијаметарот им е неколку милиметри до неколку сантиметри. При многубројните судири со честичките од атмосферата нивната кинетичка енергија се троши на постепено “абење” на самите метеороиди и на јонизација на околните честички. Визуелната појава која ја гледаме при овој процес, односно метеор, е резултат на рекомбинација по јонизацијата на молекулите на гасот во атмосферата, кој се наоѓа околу метеороидот. Тука е најчестата забуна, бидејќи обично луѓето мислат дека го гледаат телото како согорува, додека, всушност, се работи за атмосферска појава. Токму затоа, висината на која се случува појавата ја диктира бојата на метеорот, односно составот на атмосферата на таа висина, а не составот на самиот метеороид. Оваа висина се движи од 110 km до 80 km (најчесто) над површината на Земјата. При одредени услови, метеороидот може да падне на Земјиното тло, кога го нарекуваме метеорит.
Кометите, при нивниот пат околу Сонцето, постепено губат од својата материја и овие нивни остатоци се движат по истата орбита како и самата комета, пред неа и зад неа. Кога Земјата ќе ја пресече нивната патека на движење, огромен број од остатоците завршуваат во нашата атмосфера. Тогаш забележуваме значително зголемен број на метеори, односно метеорски рој. Овие остатоци влегуваат паралелно (помалку или повеќе) во атмосферата на Земјата. Заради ефектот на перспектива, нам ни се чини како сите да извираат од една точка на небесната сфера (истиот ефект се добива кога набљудувате дрворед од двете страни на пат, возни шини, или какви и да било паралелни долги линии – изгледа како да извираат од една точка на хоризонтот). Оваа привидна точка на извирање на метеорите се нарекува радијант.
Самиот метеорски рој го добива името по соѕвездието во кое се наоѓа неговиот радијант: Леониди по Лав (Лео), Персеиди по Персеј, Геминиди по Близнаци (Гемини) итн. Бидејќи Земјата секоја година на исто место ја сече орбитата на дадената комета, метеорскиот рој секогаш е во ист период од годината, а најчесто и максимумот се паѓа во ист ден. Како мерка за јачината на даден рој се користи бројот ZHR, кој е кратенка од Zenith Hourly Rate. Тој претставува број на метеори за време од еден час при идеални услови, односно идеално чисто небо, нулта светлинска загаденост и радијант во зенитот, и мора да е ист за секое место на набљудување. Се пресметува по формулата ZHR=f·c·k·(m/t), каде f е фактор на поправка заради облачност, c е фактор на поправка заради гранична магнитуда, k е фактор на оддалеченост од зенитот, m е број на метеори и t е време на набљудување (најчесто еден час).