Како член на Меѓународната раиоаматерска унија (ИАРУ), Радиоаматерскиот сојуз на Македонија (РСМ) редовно ги следи и партиципира во програмите и акциите на ИАРУ, особено во оние наменети за младите радиоаматери како што се YOTA (Youngsters On The Air), YCP (Youth Contesting Program) и Kids Day. РСМ неколку години наназад е една од најактивните членки на ИАРУ во месецот на младите радиоаматери – декември, при што се остваруваат голем број радиоврски со млади, но и со постари радиоаматери, од сите земји.
Целта на ваквите програми е промовирање на радиоаматерството меѓу младите, унапредување на техничката култура, ширење на хам-спиритот, односно кодексот на фер однос, помагање, пријателство и мир. Активноста во YOTA програмата не се однесува само на месец декември, туку се одвива преку целата година. Нашите млади радиоаматери изготвуваат редовни двомесечни извештаи за нивните активности, особено во радиооператорскиот дел, но и во конструкторството и обуката за активирање во кризни ситуации преку Радиомрежата за опасност (РМЗО) на РСМ. Своите извештаи младите ги испраќаат до своите врсници кои се ангажрани во ИАРУ. Декември, месецот на младите, беше одлична можност младите курсисти од Штип и Скопје да ги направат своите први радиоврски, а нешто подоцна да го положат радиоаматерскиот испит пред АЕК и да добијат свои лични повикувачки знаци и лиценци.
Една од најважните активности во YOTA е летниот камп што секоја година се одржува во различна земја од светот. Оваа година YOTA кампот се организира од Бугарската федерација на радиоаматери (БФРА) и ќе биде во близина на Софија во периодот од 11 до 17 август. РСМ доби покана да испрати четворица свои млади членови во летниот камп. Форматот на кампот е едукативен и се однесува на млади од 15 – 25 години, од кои еден е тим лидер, кој ќе учествува во ТТТ (Train The Trainer) курсот, односно обука за идни инструктори. Во делот на конструкторството ќе се склопува радиоуред (самоградба во кит форма) под надзор и инструкции на искусни радиоаматери-инженери, а во делот на операторството е вклучена и посета на Big Gun станица, односно радиоаматерска станица од највисок калибар, со проектирана инсталација на опрема и антени за врвни резултати во радиоаматерските натпревари.
YCP програмата на ИАРУ предвидува учество на млади радиооператори во врвни светски контести од ваквите Big Gun станици. Најавено е учество на наши оператори во радиотелепринтерскиот контест во септември од локацијата на 4O3A во Црна Гора и CQWW од 9А1А во Хрватска.
Летниот YOTA камп за нашите млади радиооператори е одлична можност да се дружат со врсници од сите земји во светот, да разменат искуства и да склопат искрени пријателства кои подоцна ќе преминат во соработка од областа на радиоаматеризмот, но искуството вели и на професионална основа.
Наши пријавени учесници во летниот камп се: Велјан Ѓорѓиов (Z33C) од Кавадарци како тим лидер; Ванчо Јованов (Z31VAJ) од Неготино, Андреј Антуновиќ (Z35TUN) и Андреј Мицков (Z33RTF), обајцата од Битола.