Сончевиот систем во својот состав, помеѓу орбитите на планетите Марс и Јупитер, содржи и еден загадочен астероиден прстенаст појас. Научниците уште од порано шпекулираа дека на тоа место треба да постои планета со нормална големина, но, наместо неа, идентификувани се огромен број мали астрономски објекти т.н. астероиди, меѓу кои најголемиот досега откриен објект е астероидот Церес, со пречник од 940 km. Патем кажано, досега се идентификувани и именувани повеќе од 2 300 астероиди во наведениот појас.
Помеѓу сите нив особен интерес за космолозите предизвика астероидот Psyche 16, со оглед на тоа дека тој има поинаков состав од сите други досега откриени астероиди. Разликата е во тоа што сите други астероиди се или каменити или ледени објекти, но, за разлика од нив Pdyche 16 е метален астероид. Имено, според досегашните радарски и оптички истражувања во видливото и инфрацрвеното подрачје, тој во неговиот состав содржи големи количества разни метали – злато, железо, никел и друго, па оттука тој честопати се нарекува и “златен астероид “ (golden asteroid). Ваквиот негов метален состав укажува дека астероидот небаре потекнува од јадрото на некоја распадната планета. Доколку тој би можел да се транспортира на Земјата, според пресметките на економистите тој би бил огромен извор за снабдување на Земјата со метали во траење од неколку милиони години, сметајќи со сегашниот степен на нивна потрошувачка, додека ако златото од овој астероид се распредели на сите жители на Земјата, сите би станале милијардери. Според истражувањата, астероидот има облик на компир со димензии 279, 232 и 189 km, орбитира околу Сонцето на растојание помеѓу 2,5 и 3,3 AЕ (AЕ = астрономска единица). За потсетување, 1 AЕ го претставува растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Времетраењето на изминување на една орбитална патека на Златниот астероид околу Сонцето е приближно исто колку и времето за 5 Земјини револуции, додека едно деноноќие на овој астероид, односно една ротација околу неговата оска, изнесува 4 часа.
Поради неговата невообичаено чудна метална структура, разбирливо е што овој астероид сега е примарна цел на астрономите, па во таа насока НАСА подготвува мисија – вселенска сонда за негова посета. Сондата треба да биде лансирана кон астероидот во август 2022 година, а треба да стаса на целта во 2026 година, по штп ќе влезе во орбита околу астероидот, и ќе орбитира околу него во времетраење од 21 земјин месеци. Сондата ќе биде опремена со најсофистицирани инструменти: радиолокатор, магнетометар, спектрометар, а освен мапирање на површината, основната нејзина задача ќе биде да ја одгатне и најголемата негова енигма – дали тој навистина потекнува од јадрото на некој голем планетски објект?
Па, ќе причекаме до исходот на мисијата!