Рубрика: Астрономија и астронаутика
Вечерва – делумно затемнување на Месечината
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.07.2019 - 14:30

За да имаме затемнување на Месечината потребно е Сонцето, Месечината и Земјата да се наоѓаат во иста или речиси иста линија. Треба да се знае и дека овој вид затемнување се случува само при полна Месечина, а должината и типот на затемнувањето зависи од близината на Месечината до нејзиниот орбитален јазол.

Затемнувањето настанува кога Месечината минува низ сенката на Земјата. За потсетување, целосно затемнува на Месечината се случува кога Месечината поминува целосно низ сенката (умбра) или кога Сонцето, Земјата и Месечината се правилно усогласени. Делумно затемнување на Месечината се случува кога Месечината делумно поминува низ сенката (умбра) и полусенката (пенумбра) на Земјата, додека она затемнување при коешто Месечината минува само низ полусенката го викаме пенумбрално затемнување.

Вечерашново делумно затемнување на Месечината, инаку последно во оваа година, ќе биде видливо од Австралија, Африка, Јужна Америка, поголемиот дел од Европа и Азија, па и од Македонија. Па така, ако небото се разбистри и облаците се разотидат, вечерва ќе имаме можност за едно астрономско набљудување што секој може да го следи.

Пенумбралната еклипса ќе започне во 20 часот, 43 минути и 51 секунда, додека делумното затемнување започнува во 22 часот, 1 минута и 43 секунди. Максимумот на затемнувањето ќе се случи во 23 часот, 30 минути и 44 секунди. Месечината потоа полека ќе ја напушта сенката и делумното затемнување ќе заврши во 59 минути и 39 секунди по полноќ, а во 2 часот и 17 минути веќе и целосно ќе излезе од полусенката на Земјата. Магнитудата на затемнувањето е проценета на 0,653. Целосното времетраење на еклипсата е 5 часа и 34 минути, а Месечината ќе помине 2 часа и 58 минути делумно покриена со сенката на Земјата.

За скопјани и оние што вечерва се наоѓаат во главниот град на Македнонија, Скопско астрономско друштво вечерва, на плоштадот Македонија во Скопје, организира набљудување на вечерашното делумно затемнување на Месечината, а покрај Месечината, ќе се набљудуваат и планетите Јупитер и Сатурн. Настанот е закажан за 21 часот.

Следното затемнување на Месечината, коешто ќе биде пенумбрално, ќе се случи на 10 јануари 2020, а истата година ќе се случат уште три лунарни затемнувања.

 

 

П.С. Ако немаме среќа и времето остане облачно, затемнувањето ќе може да се проследи преку стриминг во живо

Клучни зборови: