Една нова структура на шеќерот ветува побрзо растворање и поинтензивно чувство на вкусот, со што би се намалила количината што ја користиме за заблажување.
Од стриктно еволутивна гледна точка, нашата љубов кон благото лесно се оправдува – шеќерот обезбедува брза енергија, a ова “турбо-полнење" мозокот гo наградува со активирање на кругот на задоволство и награда.
За жал, оваа љубов не е без мани и може да биде штетна за здравјето. Потребата да се консумира помалку шеќер, а да се одржи пријатниот вкус непроменет, го создаде порозно структурираниот шеќер, производ кој, поради неговите механички својства, има поголема брзина на растворање, со што обезбедува посладок вкус од традиционалниот шеќер.
Новиот тип шеќер што го создадоа и го проучуваат истражувачите од Истражувачкиот центар на Нестле во Лозана (Швајцарија), во соработка со Центрите за производна технологија во Јорк (Обединето Кралство) и Конолинген (Швајцарија), треба да овозможи постојан и непроменет вкус со помала концентрација на шеќери во индустриските производи, како што се чоколадни десерти и “грицкалки”.
Вообичаено шеќерот доаѓа во форма на кристали коишто полека се раствораат во контакт со плунката. Но, ако оваа форма се замени со некристална, порозна и аморфна структура, производот добива структура на памук и се раствора многу побрзо - сетете се на чувството при јадење шеќерна волна.
Порозниот шеќер се добива со вбризгување на мешавина од традиционален шеќер, млеко во прав и вода во комора со топол воздух. Со испарување и сушење на мешавината се добива шеќер со различна структура. Притоа млекото се користи за стабилизирање на сушениот шеќер, за тој да не стане премногу густ. Брзото топење во контакт со непцето обезбедува посладок вкус со иста количина шеќер и токму затоа е можно намалување на количината на додаден шеќер во закуските и десертите и до 40%!
За жал, новиот производ, за кој Нестле веќе поднел неколку патентни пријави, не може да се користи во пијалаци, бидејќи порозниот шеќер, поради својата брзина на растворање, е стабилен само во суви производи.