Нови животински видови не се откриваат само во амазонските прашуми. Некогаш тие се "скриени" пред нашите очи. Еден животно, за чиешто постоење локалното население знае веќе подолго време, допрва треба да биде регистрирано и признаено како посебен, ендемски вид и да ја добие законска заштита којашто ќе му даде поголеми шанси за преживување.
Иако многу наликува на обичната домашна мачка, животното со прстенесто нашаран опаш, долго 90-тина сантиметри, мерено од врвот на опашот до главата, има широко поставени уши, кратки мустаќи и впечатливи заби-песјаци. Од другите карактеристики, во очи паѓаат впечатливите пруги на предните нозе, темното крзно на задните нозер и црвеникавата боја на крзното на стомакот. Густото свиленкасто крзно е своевидена природна заштита од болви, крлежи и вошки. Опашот на мачката брои две до четири прстенести шари и црн врв.
Токму големината и богатиот опаш на овие животинки им го обезбедиле прекарот “мачки-лисици” кај корзиканците.
Животното се среќава во ‘зафрлени’ области каде водата и растенијата можат да понудат добра заштита од неговиот главен предатор, златниот орел. Во последниве 3 години претставници на француската Национална канцеларија за лов и дива фауна, користејќи ненасилни методи, успеале да заловат 12 од вкупно 16 мачки од овој вид забележани во регионот на шумата Аско на Корзика. Примероците биле прегледани и набрзо потоа пуштени назад во дивината. Од Канцеларијата се надеваат дека набргу, во рок од 2 до 4 години, оваа мачка ќе биде признаена како посебен вид и дека како таква ќе добие законска заштита.
По повеќегодишни напори конечно во 2008 година едно од овие животни било фатено живо, при неговиот “поход” на еден локален кокошарник. По овој случај истражувањата на овој вид тргнале во нагорна насока и во 2012 година, со помош на една метода којашто вклучувала дрвен стап премачкан со масло кое ги привлекувало мачките и ги предизвикувало да ја тријат нивната муцка од него, научниците добиле доволно материјал за да го одредат генетскиот код на групата.
Погледот во структурата на гените на научниците им покажал дека се работи за посебен вид, различен од европската дива мачка Felis silvestris silvestris. Според генетскиот материјал, видот бил многу поблизок до африканската шумска мачка, Felis silvestris lybica, но прецизната идентификација на видот морала да почека.
Првата фото-стапица а подоцна и физичка стапица им овозможила на истражувачите заловување на прва мачка-лисица во 2016 година.
Животот на овие мачките сè уште е обвиткан со превез на тајни. Научниците допрва треба да ги изучат нивните навики во исхраната и репродуктивните ритуали. Корзиканските овчарски митови говорат за диви мачки што се закачувале за вимето од овците и козите и го пиеле нивното млеко. Она што делумно се знае е дека мачките, најверојатно, биле донесени од фармерите на островот Корзика пред околу 8500 години. Ако ова се покаже дека е точно, тогаш “мачките-лисици” веројатно потекнуваат некаде од блискиот исток.